Марио Манџукиќ повеќе не е дел од стручниот штаб на хрватската фудбалска репрезентација. Легендарниот напаѓач три години беше дел од стручниот штаб на Златко Далиќ.
Манџукиќ дојде во стручниот штаб на репрезентацијата по завршувањето на кариерата, во декември 2021 година на покана на селекторот Далиќ и во договор со него го напушти стручниот штаб.
„Би сакал да им се заблагодарам на тренерот Далиќ и на ФСХ за довербата и можноста, како и на сите мои колеги во стручниот штаб и играчите за соработката. Горд сум на успесите што ги постигнавме во овој период и мило ми е што можев да и помогнам на репрезентацијата во оваа улога. По овогодинешното ЕП почувствував дека е време за нови и поинакви предизвици, а на репрезентацијата и посакувам многу успех во претстојните натпреварувања“, изјави Манџукиќ.
Манџукиќ како дел од стручниот штаб на репрезентација беше дел од двата големи успеси на репрезентацијата, бронзата на Светското првенство во Катар во 2022 година и среброто во Лигата на нации во 2023 година.