Македонската репрезентативка, членка на Велосипедскиот клуб Енерџи и актуелна државна шампионка во планински велосипедизам, Дуња Иванова, постави нов репер во македонскиот велосипедизам откако утрово на најновата светска ранг-листа на УЦИ се искачи на 33. место во светот.
До овој извонреден резултат Иванова стигна по успешните настапи на трите Светски купови од престижната HERO World Cup серија – Коста Бланка во Шпанија, Елба во Италија и Натурланд во Андора како и по трката во Кастро, Италија и одбраната на титулата државен првак во МТБ маратон. Настапот во Андора имаше особено значење, бидејќи токму таму Иванова обезбеди квалификација за претстојното Светско првенство во планински велосипедизам кое ќе се одржи во Италија.
Овој резултат добива уште поголема тежина ако се земе предвид конкуренцијата од стотици рангирани натпреварувачки од сите континенти, како и фактот дека Иванова го носи досега највисокиот пласман за Македонија позиционирајќи се на првата страница на светската УЦИ ранг-листа.
Следниот предизвик за Иванова е Европското првенство во Рамалес де ла Викторија, Шпанија, каде како македонска репрезентативка ќе се натпреварува со најдобрите европски велосипедистки на исклучително сериозна и техничка патека долга 75км со висинско искачување од 3000 метри.