За Топспорт од Вимблдон: Ненад Живановски-Столиќ
Со успешен настап во првото коло на квалификациониот турнир во Вимблдон, во кој Лина Ѓорческа ја совлада шпанската тенисерка Анхела Фита Болудо со 6-2 и 6-4 во сетови, таа обезбеди пласман во второто коло во кое ќе игра против Португалката Франциска Жорге.
По натпреварот Ѓорческа во разговор за Макфакс ги сподели впечатоците од мечот:
„Уште пред мечот бев добро подготвена, со тренерот имавме соодветна тактика испланирано, знаевме дека Франциска игра со лева рака, што е многу незгодно за нас кои играме со десна, и тоа не само на трева туку и на било која друга подлога. Но, тоа е особено забележливо на оваква подлога, каде топката се лизга и се движи многу побрзо. Затоа, нејзиниот сервис најмногу можеше да ми направи проблеми, но, исто така, таа упатува и многу слајс топки. Како и да е, штом е победа, значи дека сè добро се завршило и дека добро сме се подготвиле за мечот“.
Фото: Ненад Живановски-Столиќ
Наредниот меч Лина го игра против Франциска Жорге, против која се има сретнато еднаш на ВТА турниорот во Скопје, во кој нашата тенисерка била поуспешна. За очекувањата од овој настап таа ни изјави:
„Очекувам добар меч. Сити ние кои сме овде дојдени, знаеме да играме тенис, и сме горе-доле на исто ниво, така што очекувам занимлив меч. За разлика од денешната противничка, наредната игра поагресивен тенис и ќе видиме што ќе покаже теренот. Во овие квалификации одам меч по меч и воопшто не размислувам за патот до главниот турнир. Сметам дека подготвена дојдов на турнирот, иако никогаш не можеш доволно добро да се подготвиш за тревнат терен. Ние во Скопје успеавме да најдеме терен со вештачка трева, но таа е многу поразлична од оваа на Вимблдон. Во такви околности ни беа подготовките, така што, на крајот од денот, добро се заврши“.
После Вимблдон, иако е лето, за Лина нема одмор и таа ја продолжува сезоната на други турнири.
„Ме чекаат три 125 ВТА турнири, еден во Франција и два во Италија, Рим и Палермо. Се надевам дека со добар резултат на овие турнири ќе напредувам на ВТА листата, особено што во овој период немам поени за бранење.“
Следниот меч Лина Ѓорческа го игра во среда, и овој натпревар не би требало да почне пред 17 часот.