Македонскиот кошаркарски шампион, МЗТ Скопје Аеродром за следната сезона го комплетираше бековскиот тандем со играчи од САД. Нови „штркови“ се Седрик Расел (24 год, 188 см) и Ејасу Ворку (24 год, 188 см).
– Двајцата се талентирани кошаркари, со европско искуство, кои ги краси брзината, преглед на играта, а кога треба и агресивност кон противничкиот обрач со цел на својот тим да му донесат драгоцени поени, објави МЗТ Скопје на клупскиот сајт.
Расел зад себе има пет одлични години во елитната дивизија од НЦАА-лигата, од кои четири во дресот на Луизијана универзитетот, во кои во последната сезона имаше просек од 17 поени. Минатата сезона го имаше првиот настап во европската кошарка и тоа во дресот на српскиот прволигаш Тамиш, каде што просечно реализираше 16,2 поени со 2,4 скока и 2,3 асистенции.
Ворку, пак, е добро познат на македонската кошаркарска јавност со оглед што пред две години настапуваше за Гостивар со просек од 16,8 поени, 5,1 скока и 7,2 асистенции. Европската авантура ја почна пред три години во хрватскиот тим Забок, за потоа да направи трансфер во Задар, каде што остави повеќе од солиден впечаток.
Вчера МЗТ се засили со српско-хрватскиот центарски тандем, Душан Танасковиќ и Марко Баковиќ, ден претходно ростерот го освежи со талентираните Марин Петков и Марко Миловановиќ, додека договорна обврска од претходно имаа браќата Дамјан и Војдан Стојановски и Андреј Андоноски. Тренер на МЗТ Скопје и во следната сезона ќе биде Васко Атанасов.