Антонио Конте ќе го напушти Наполи по две години, во кои му ја донесе на клубот четвртата титула во италијанското првенство во историјата, пишува „Скај Италија“. Се очекува клубот официјално да го потврди збогувањето со тренерот на последниот домашен натпревар од сезоната на стадионот „Диего Армандо Марадона“.
Информацијата дека Конте заминува, иако има важечки договор до летото 2027 година, доби големо внимание во јавноста. Според медиумите, италијанскиот стручњак се откажал и од платата од седум милиони евра годишно, која му следуваше според договорот. Ваквиот потег дополнително нагласува дека одлуката за разделба е конечна.
За време на неговиот мандат, Конте целосно го промени менталитетот на тимот и повторно создаде тим способен да се бори за најголемите трофеи. Освојувањето на Скудетото имаше посебно значење бидејќи го врати клубот на врвот во Серија А по многу турбулентен период и големи промени во соблекувалната.
Под водство на Конте, Наполи играше агресивен, интензивен и тактички многу дисциплиниран фудбал, а навивачите брзо го прифатија како еден од клучните луѓе на новата успешна ера.
Foto/ Depositphotos