Грчкиот тренер Димитрис Итудис го презеде израелски Хапоел Тел Авив.
Кошаркарскиот портал „Спортандо“ пренесува дека двете страни постигнале официјален договор.
Актуелниот тренер на Хапоел, Стефанос Дедас треба да остане во стручниот штаб како помошник на Итудис.
Итудис, кој ја започна својата тренерска кариера како асистент во Загреб во 1992 година, се прослави како помошник на Жељко Обрадовиќ во Панатинаикос во периодот 1999-2012 година.
Првата самостојна работа ја имаше во ЦСКА Москва од 2014 до 2022 година, а со рускиот тим двапати ја освои Евролигата, потоа беше селектор на Грција и накратко беше тренер на турски Фенербахче.
Хапоел игра во Еврокупот, трет е во групата А со пет победи во осум натпревари. Пред Хапоел на табелата се Гран Канарија и Бахчешехир.
Клубот од Тел Авив во последните недели е во центарот на вниманието поради кошаркарот Џонатан Мотли и бурните реакции на сопственикот на израелскиот клуб.
Во меѓувреме, медиумите почнаа да шпекулираат за интересот на Реал Мадрид за уште еден играч на Хапоел, поранешниот центар на Партизан, Бруно Кабокло.