Златан Ибрахимовиќ (42) од оваа сезона е советник за спортски прашања во фудбалскиот клуб Милан. Легендарниот шведски центарфор учествува во обликувањето на спортската политика на клубот, а наскоро „росонерите“ ќе треба да одберат нов тренер. Стефано Пиоли го напушта клубот на крајот на сезоната по пет години и едно освоено Скудето.
Италијанските медиуми пишуваат дека Златан лобира функцијата да ја преземе Марк ван Бомел (47). Поранешниот холандски играч за врска го предводи белгиски Антверпен.
Ибрахимовиќ и Ван Бомел играа заедно за Милан од јануари 2011 до јуни 2022 година. Наводно клубот веќе стапил во контакт со тренерот.
Ван Бомел во кариерата самостојно ги водеше ПСВ и Волфсбург, а работеше и како асистент во репрезентациите на Австралија и Саудиска Арабија. Во својата кариера настапуваше за Фортуна Ситард, ПСВ, Барселона, Баерн и Милан, а кариера ја заврши пред 11 години како играч на ПСВ Ајндховен.
Раководството на Милан размислува уште неколку кандидати. Според „Газета дело Спорт“, најголеми фаворити се Пауло Фонсека и Хулен Лопетеги. Фонсека е 51-годишен Португалец кој моментално раководи со Лил, а две години работеше во Италија како тренер на Рома.
Лопетеги (57) оваа сезона е без работа откако се раздели со Волвс, додека најпознат е по менаџирањето на Шпанија, Реал Мадрид и Севилја.