Хорнер: Претпоставувам дека Норис е број 1 во Мекларен

3466212.0064.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Директорот на тимот на Ред Бул, Кристијан Хорнер, рече дека претпоставува дека Ландо Норис е првиот возач на Мекларен, бидејќи бил „пет пати повеќе платен“ од Оскар Пјастри.


Хорнер зборуваше за возачите на Мекларен, кои по трката во Баку ја презедоа водечката позиција во борбата за конструкторската титула. Разликата меѓу Мекларен и Ред Бул е 20 поени.

Возачот на Ред Бул, Макс Ферстапен се обидува да ја освои четвртата последователна титула, но нема победа од јуни, од трката во Шпанија, Норис му се доближи на 59 поени, а неговиот тимски колега Пјастри има 32 поени помалку од него.

Пред трката во Баку, директорот на Мекларен, Андреа Стела рече дека одлуките ќе бидат во корист на Норис додека тој се бори за титулата. Сепак, тој беше лош во квалификациите стартуваше од 15-тото место и на крајот заврши на четвртото место, додека Пјастри победи. Стела рече дека тимот нема прв возач, односно дека „двајцата се први возачи за Мекларен“ и дека има тимски правила кои го почитуваат спортскиот дух.

„Обично таквите работи се решаваат зад затворени врати и не сум баш сигурен кои се правилата. Се чини дека и таму има конфузија. Секој тим е различен, нашите правила се многу јасни и на што е фокусот до крајот. Имаме возач кој се бори за титулата, тоа е тимски спорт и многу е јасно дека задачата на Чеко (Серхио Перез) е да го поддржува Макс до крајот на годината“, рече Хорнер, пренесе „Скај спортс“.

„Различни тимови ги прават работите на различни начини. Кога имате возач како Макс Ферстапен, не можете да го направите да биде втор возач. Ландо Норис, го плаќаат пет пати повеќе од Оскар, па претпоставувам дека тој е возач број еден. Има збунетост кога не си целосно јасен од самиот почеток“, додаде тој.

Од Мекларен изјавија дека приоритет им е титулата во шампионатот на конструктори. Пјастри е во својата втора сезона во Формула 1 и има освоено најмногу поени од кој било друг возач на последните седум трки, на кои Ред Бул е без победа.

„Мислам дека вториот им задава главоболки затоа што победува и прави добра работа. Тоа е како кога Даниел Рикиардо дојде кај нас во 2014 година. Очигледно требаше да биде вториот возач зад Себастијан Фетел, а потоа победи на три трки, а Себастијан во ниту една што ни предизвика главоболки“, рече Хорнер.

„Тие секако го земаа Оскар со очекување, како Мерцедес веројатно со Џорџ (Расел) и Ферари со Карлос (Саинц), дека имате главен возач и имате негова поддршка. И кога вториот возач ќе почне да го претекнува првиот возач, тогаш обично имате главоболка“, рече тој.

Формула 1 шампионатот продолжува викендов со трката за ГН на Сингапур во недела од 14 часот.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK