Натпреварот меѓу Вулверхемптон и Тотенхем, кој во сабота во 13 часот и 30 минути започнува во рамките на 12. коло од Премиер лигата, ќе биде историски за англискиот шампионат.
Фудбалерите ќе се загреваат на теренот пред почетокот на мечот со камери закачени на маиците под дресовите, а таа снимка ќе биде емитувана пред натпреварот.
Ова ќе испише историја на Премиер лигата, нагласува „Дејли Мејл“ и пишува како сè треба да изгледа. ТНТ Спортс и Премиер лигата постигнаа историски договор, се наведува во текстот и се објаснува дека еден играч од двата тима ќе носи камера за време на загревањето.
Тоа ќе биде премиерна употреба на ваква технологија на терените во Премиер лигата и ќе им го доближи искуството на гледачите на сосема поинаков начин.
Фудбалерите на Астон Вила и Њукасл веќе одиграа еден натпревар со камери на нив, но тоа беше дел на турнејата низ САД.
Меѓународниот комитет на фудбалски асоцијации засега не дозволува оваа технологија да се употребува на официјални натпревари.