Во 2022 година во спортскиот сектор во ЕУ професионално биле ангажирани 1,51 милиони лица, што претставува 0,8 отсто од вкупниот број вработени во Унијата. Во исто време, нивниот број е зголемен за 10,9 проценти во однос на претходната година, кога во секторот спорт биле вработени 1,36 милиони лица, соопшти Европската статистичка агенција (Евростат).
Како што јави специјалниот исвестувач на МИА од Брисел, најголем удел на лица кои лани работеле во спортот имало во Шведска и тоа од 1,4 отсто од вкупниот број вработени, по што следуваат Финска и Данска со по 1,2 проценти удел и Шпанија и Франција со по 1,1 отсто.
Од друга страна, најмал удел на вработени во спортскиот сектор во 2022 година имало во Романија со учество во вкупната вработеност од 0,2 процети, пред Бугарија со 0,3, Полска и Словачка со по 0,4 и Хрватска и Литванија со по 0,5 отсто удел.
Соодносот на мажи и жени ангажирани во спортот лани бил 55 наспроти 45 отсто, што претставува зголемување на разликата во однос на 2021 година, кога 54 отсто од спортските работници биле мажи, а 46 проценти жени.
Над една третина во вработените во спортот или 35 отсто биле лица на возраст од 15 од 29 години, што е двојно повеќе во однос на вкупната вработеност во ЕУ во оваа старосна категорија, која изнесува 17 проценти.
Од друга страна, 62 отсто од спортските работници се на возраст од 30 до 64 години, што е за 18 процентни поени помалку од вкупната вработеност во Унијата во истата возрасна категорија, чија стапка е 80 проценти.
Само три отсто од вработените во спортскиот сектор се лица постари од 65 години, колку што изнесува и процентот во вкупната вработеност во ЕУ во таа категорија.
Вкупно 46 отсто од ангажираните во спортот се со завршено средно образование, 40 проценти се со високо, а 14 проценти се лица со пониско или со незавршено средно образование.
Под спортски сектор во ЕУ се сметаат сите економски активности и занимања поврзани со спортот, меѓу кои и раководители на спортски тимови и клубови, тренери, спортисти, вработени во фитнес центри, како и лица ангажирани на активности за промоција и менаџирање со спортски настани.