Македонскиот фудбалски шампион Струга Трим Лум со оптимизам ги очекува двата натпревара со Есперанж од Луксембург во претпоследната фаза од квалификациите за Конференциската лига. Спортскиот директор на стружани, Бесарт Исаку верува во пласман во плејофот каде за противник го посакува Зрињски.
– Верувам во победа на нашиот тим и пласман во плејофот. А таму за наш ривал го посакувам босанскиот Зрињски.
Единствениот македонски претставник кој остана во еврокуповите, натпреварите со Есперанж ќе ги игра на 10 август во Скопје и седум дена подоцна во Луксембург.
Што се однесува до домашното првенство кое почна минатиот викенд, Струга успешно ја помина првата пречка со Гостивар и очекува одбрана на титулата.
– Очекувам понеизвесно првенство и повторно да ја донесеме титулата во Струга, рече Исаку.
Струга ТЛ во второто коло од Првата македонска фудбалска лига, в недела ќе и гостува на Шкендија во дербито на колото.