Ф1 возачите бараат од ФИА да ги третира како возрасни

Untitled-1-19.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Возачите на Формула 1 го повикаа првиот човек на Светската автомобилска федерација (ФИА), Мохамед Бен Сулајем, и му порачаа да внимава на тон и зборовите кога се обраќа во јавноста.


Реакцијата на возачите доаѓа по полемиката околу пцуењето во последните недели, а во изјавата на официјалната страница на Инстаграм на Здружението на возачите, тие застанаа на страната на Макс Ферстапен, кој беше казнет со општествено корисна работа за пцовки на прес-конференција, во Сингапур. За пцовки на конференцијата по трката во Мексико е казнет и Шарл Леклер, но со 10.000 евра.

Во соопштението се наведува дека ФИА треба да ги третира возачите како возрасни, што е реакција на пораките во медиумите од пред две години во врска со накитот што го носат возачите додека биле во болидите, а цел тогаш им беше Луис Хамилтон.

Возачите велат дека иако прифаќаат дека мора да се придржуваат до одлуките, тие исто така сакаат да соработуваат со Формула 1 и ФИА за да бидат сигурни дека секоја одлука ќе биде од корист за шампионатот и спектаклот.

Од Здружението велат и дека не се задоволни од транспарентноста за што точно се користат парите што ги плаќаат возачите поради казни. На крајот рекоа дека веруваат дека и самите си ја вршат работата што се однесува до промоцијата на Формула 1, а истото би можеле да го направат и челниците.

На чело на Здружението е Александар Вирц, додека негови потпретседатели се четирикратниот светски шампион Себастијан Фетел и Џорџ Расел.

Соопштение на Здружението на Гран-при возачи:

„Како што е случај во секој спорт, натпреварувачите мора да ги почитуваат одлуките на судијата, без разлика дали им се допаѓа или не, дали се согласуваат со тоа или не. Така функционира спортот. Возачите (нашите членови) не се разликуваат и целосно го разбираат ова.

Нашите членови се професионални возачи, кои се натпреваруваат во Формула 1, самиот врв на меѓународните авто-мото спортови. Тие се гладијатори и приредуваат одлично шоу за навивачите секој тркачки викенд.

Што се однесува до пцовките, постои разлика помеѓу пцовките што се користат за навреди и случајните, кои може да ги користите за да ги опишете лошите временски услови или всушност некој предмет, како што е болид од Формула 1 или ситуација со која се соочувате.

Бараме од претседателот на ФИА да размисли за неговиот тон и јазик кога се обраќа или зборува за возачите, без разлика дали е тоа во јавноста или на некое друго место. Сепак, нашите членови се возрасни, не треба да добиваат инструкции од медиумите за тривијални работи како носење накит или долна облека.

Здружението постојано го истакна својот став дека казните за возачите не се соодветни за нашиот спорт. Во последните три години побаравме од претседателот на ФИА да ги открие деталите и стратегиите за тоа како се изрекуваат казните и како се трошат парите.

Ја истакнавме и нашата загриженост за негативната слика што му ја носат на спортот финансиските казни. Уште еднаш, побаравме од претседателот на ФИА да обезбеди финансиска транспарентност и директен, отворен дијалог со нас. Сите засегнати страни (ФИА, Формула 1, тимови и ГПДА) заедно треба да одредат како се трошат овие пари за доброто на самиот спорт.

ГПДА сака да работи конструктивно со сите засегнати страни, вклучително и со ФИА и нејзиниот претседател, за да го промовира нашиот голем спорт во корист на сите кои работат во него, плаќаат за него, го следат и го сакаат. Ние во ова го даваме својот придонес“, стои во соопштението под кое се потпишани Вурц, Фетел и Расел, во име на сите возачи.

Овогодинешниот шампионат во Формула 1 продолжува со Големата награда на Лас Вегас од 22 до 24 ноември.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK