– Лондонскиот стадион „Стемфорд Бриџ“ в сабота на 5 август ќе биде домаќин на хуманитарен натпревар на кој собраните финансиски средства ќе бидат наменети за обнова на разурнатите училишта во Украина.
Насловен како „Натпревар за Украина“ (Game4Ukraine), настанот од хуманитарен карактер ќе собере на едно место бројни фудбалски ѕвезди вклучувајќи ги Фабио Канаваро, Кларенс Сидорф, Самуел Ето, Џанфранко Ѕола, Јенс Леман, Жерар Пике, Роберт Пирес, Патрик Виера и многу други.
„Жолтиот“ тим ќе го предводи легендарниот француски тренер Арсен Венгер, додека на клупата на „Сините“ ќе седи Англичанката Ема Хајес.
Собраните средства ќе бидат префрлени на хуманитарната организација „United24“, која ја основа украинскиот претседател Володимир Зеленски.
„Фудбалот секогаш имал моќ да ги зближи и обедини луѓето, а верувам дека ова ќе биде ден за паметење“, изјави украинската фудбалска легенда и поранешен селектор Андриј Шевченко.