Шпанскиот фудбал изминатите две недели се занимаваше со сагата околу регистрацијата на Дани Олмо и Пау Виктор. Се и сешто се случуваше, Ла Лига и Шпанската фудбалска федерација одбија да ги регистрираат фудбалерите, на крајот Високиот спортски совет (ЦСД) на општо изненадување пресуди во корист на Барселона. ЦСД издаде привремена дозвола за регистрација на фудбалерите, а конечната одлука ќе ја донесе во март.
Барселона доби право на жалба, што значи дека ќе биде донесена конечна одлука откако ќе се разгледа жалбата, а рокот за тоа е до три месеци.
Секако дека во Шпанија има многу незадоволни од оваа одлука, а со соопштение се огласи и Атлетико Мадрид.
„Спортскиот закон постои за да се заштити економската контрола со која Ла Лига го одржува редот. Ваквата одлука го доведува тоа во прашање. Досега тоа беше најсилната алатка на Ла Лига, онаа со која успеавме да бидеме успешни и да заработиме восхит на меѓународно ниво. „Нашиот клуб, како и сите клубови од Ла Лига до оваа одлука, ги почитува сите економски правила и ќе продолжиме да го правиме тоа“, стои во соопштението од Атлетико во кое понатаму се додава.
„Не само тоа, туку свесни сме дека мораме да ги зголемиме капиталните инвестиции доколку сакаме да напредуваме понатаму и тоа ќе го направиме и покрај сите проблеми што доаѓаат. Интервенцијата на Владата во овој случај направи опасен преседан бидејќи ја отвори вратата и другите да ги прекршат правилата и ги повторуваат грешките од минатото. Правилата мора да бидат исти за сите, инаку ова не е фер натпревар.”
Своето незадоволство од ваквата одлука го изразија и Лас Палмас и Атлетик Билбао.
Атлетико Мадрид и Барселона заедно со Реал Мадрид ќе се борат за шампионската титула во Шпанија во остатокот од сезоната.