Фудбалските репрезентации на Шпанија и Аргентина, победници на Европското првенство и на Копа Америка, ќе се сретнат за една година во натпревар познат како „Финалисима“, кој е подобар, европскиот или јужноамериканскиот шампион.
Во неделата вечерта Шпанија во финалето ја победи Англија со 2:1, додека Аргентина беше подобра од Колумбија со 1:0.
„Натпреварот ќе се одржи во Јужна Америка, датумот се уште не е одреден“, објави шпанскиот весник „Марка“, посочувајќи дека натпреварот ќе се одигра „во средината на 2025 година, кон крајот на јуни или почетокот на јули“.
Со овој натпревар европската фудбалска асоцијација УЕФА и јужноамериканскиот КОНМЕБОЛ ќе ја продолжат соработката. Се уште го немаат најавено натпреварот меѓу Шпанија и Аргентина.
Последен пат ваков натпревар беше одигран во јуни 2022 година помеѓу тогашниот европски првак Италија и Аргентина. На натпреварот одигран во Лондон, Аргентина победи со 3:0.
Затоа претстојниот натпревар треба да се игра некаде во Јужна Америка. Тоа треба да биде четврти ваков дуел. Во 1985 година, Франција го победи Уругвај со 2:0 во Париз, а во 1993 година, Аргентина ја победи Данска на пенали, откако натпреварот во Мар дел Плата заврши 1:1.