Реал Мадрид ја победи Барселона со 2:1 во првото сезонско Ел Класико. Кралевите славеа со пресврт и голот на Белингем во 92.минута. По 11 одиграни натпревари Реал се врати на првото место во Примера со 28 поени колку што има и Џирона.
Карло Анчелоти ја критикуваше играта на неговиот тим видена во првото полувреме, но е презадоволен од второто полувреме.
„Клучно беше да се смени ставот на паузата. Во првото полувреме бевме бавни, мрзеливи, воопшто не бевме агресивни. Во вториот – сè беше спротивно. Не бевме на нашето ниво, може да се случи. Првото полувреме навистина се заборава, за среќа победивме.
Италијанецот го подвлече името на Лука Модриќ. кој влезе наместо Тони Крос во 62. минута, како играч кој позитивно влијаеше на текот на натпреварот.
„Лука ја промени динамиката, почнавме повеќе да ја држиме топката во нашите нозе. Белингем? Првиот гол е одличен, а за вториот никогаш не пропушта таква шанса. Изненаден сум од неговата ефикасност, тој е млад, но игра како искусен ветеран. На кое место ќе биде во поредокот за Златната топка? Не ни знаев дека наградата се доделува во понеделник, не ми е гајле. Белингем оваа сезона може да постигне над 20 гола“, рече Анчелоти.
Потоа откри што им кажал на играчите на полувремето.
„Им кажав дека можеме да го загубиме овој натпревар, но не на овој начин. Барав повеќе мотивација и енергија. Судијата? Еден од најпочитуваните во Европа, добро се однесуваше и добро си ја заврши работата“.
Чави Ернандез, за разлика од Анчелоти, не беше расположен за разговор.
„Доминиравме 60 минути, но ова е фудбал. Ни требаат пет-шест шута за да постигнеме гол, а потоа тие од три шута постигнаа два гола. Ни недостигаше ефикасност, но пристапот беше добар. Можеби претерувам, но искрено, ако некој победил ако се гледа само играта, тогаш тоа сме ние“.