За билатералните односи, Договорот од Преспа и ЕУ перспективата на нашата земја и регионот, разговарале министрите за надворешни работи на Северна Македонија и Грција, Бујар Османи и Јоргос Герапетритис за време на нивната средба во Вилнус, јави дописничката на МИА од Атина.
Шефовите на двете дипломатии се сретнаа на маргините на НАТО Самитот, а Османи на Твитер напиша дека размениле мислења за „билатералните односи, зајакнатата соработка, енергетиката и важноста на Договорот од Преспа“.
Исто така се фокусирале и на ЕУ интеграцијата на Северна Македонија, како и на актуелните случувања на Западен Балкан и во Украина.
Од грчкото МНР, исто така преку Твитер, соопштија дека Герапетритис и Османи имале „плодна дискусија за зајакнување на билатералните односи, вклучително и целосна и доследна имплементација на Договорот од Преспа и за ЕУ перспективата на Западен Балкан“.
Ова е прва средба на Герапетритис со Османи, со оглед на тоа што неодамна ја презеде функцијата шеф на дипломатијата во новата грчка Влада, додека пак двајцата шефови на дипломатиите минатата недела имаа телефонски разговор.