Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери денеска остварил средба со Менакаши Леки, државната министерка за надворешни работи и за култура на Индија и пратеничка во Долниот дом (Лок Саба) на Парламентот на Индија.
– Билатералните односи меѓу Република Северна Македонија и Република Индија ги карактеризира пријателство, меѓусебно разбирање и подготвеност за унапредување на соработката, особено преку комплетирање на нормативно-правната рамка и воспоставување на поинтензивна економска соработка, истакнал Џафери, соопштија од собраниската прес-служба.
Тој оценил дека разликата во големината и бројот на население на двете земји, како и географската оддалеченост, не треба да претставуваат пречка за меѓусебното пријателство и добрите билатерални и мултилатерални односи и соработка.
Џафери посочил дека, покрај стратешките приоритети на надворешната политика – активностите во НАТО и идното членство во ЕУ, Република Северна Македонија придава големо значење на интензивирањето на соработката со земјите од Централна и Јужна Азија, со Индија во главен фокус.
Како што се додава во соопштението, тој ја нагласил потребата за поблиска соработка меѓу Република Северна Македонија и Индија na полето на економијата, културата и туризмот.
– Претседателот на Собранието се осврна на учеството на собраниски службеници на обуките организирани од Институтот за парламентарно истражување и обука за демократии (PRIDE) на Парламентот на Индија и го нагласи интeресот за натамошно учество во програмите на овој Институт, се наведува во соопштението.
Државната министерка Менакаши Леки, се осврнала на можностите за зголемување на билатералната трговска размена, нагласувајќи дека постои голем неискористен потенцијал за соработка, особено во областите на информатичката технологија, здравството, финансиските услуги и образованието. Во таа насока, таа предложила потпишување на договор за мобилност и миграциски текови меѓу Индија и Северна Македонија, по примерот на договорите што Индија ги има потпишано со бројни пријателски земји.
– Подвлекувајќи дека Индија, како најголема и најстара демократија во светот, придава големо значење на меѓу-парламентарната соработка, таа оцени дека треба да се разгледаат можностите за долгорочна соработка меѓу Собранието на Република Северна Македонија и Парламентот на Индија, особено преку програмите на истражувачкиот институт на Индискиот парламент, се подвлекува во соопштението од собраниската прес-служба.
На средбата станало збор и за состојбите во земјава и во регионот на Западен Балкан, особено во поглед на евроатлантските интеграции, а беа разменети мислења и за парламентарните процедури и практики.
Соговорниците изразиле надеж дека оваа средба ќе преставува поттик за продлабочување на односите и соработката меѓу двете пријателски држави и меѓу Собранието на Република Северна Македонија и Парламентот на Индија.