Потпретседателот на Собранието Горан Мисовски оствари средба со Делегација Групата за пријателство од Националното собрание на Француската Република предводена од пратеничката Лилијана Танги, претседателка на групата. Во делегацијата се и г. Бертран Сор, заменик претседател, г. Артур Делапорт, г. Винсен Сетлинже, г-ѓата Марин Амеле, придружувани од Н.Е. г. Сирил Бомгартнер, Амбасадор на Француската Република во Република Северна Македонија. На средбата присуствуваа и Претседателот на Пратеничката група за соработка со Парламентот на Француската Републи,а г. Александар Николоски и генералната секретарка на Собранието, г-ѓата Цветанка Иванова.
Посакувајќи им топло добредојде во земјата во име на Претседателот на Собранието и пратениците, потпретседателот Мисовски особено ја поздрави реафирмираната француска посветеност преку Стратегијата за европска интеграција на Западен Балкан, со што недвојбено се потврдува стратешката ориентација за полноправно членство на нашите земји во Европската унија. Во контекст на евроатлантските интеграции, Мисовски информираше за исклучително сензитивниот период на земјата во изминатите години и решавањето отворените прашања како со Република Грција, по што земјата стана членка на НАТО и со Република Бугарија, особено во светло на престојниот процес на уставни измени како последна одредница за следната фаза на интеграцијата. Беше упатен апел за донесување на Резолуција во Француското собрание, по примерот на Германскиот Бундестаг, со која се прати силна порака и поддршка за заштитен македонски идентитет и јазик, а од германската влада се побара да ја повика Бугарија да го поддржи нашиот пат кон ЕУ, во рамките на компромисот договорен со Советот и да се воздржи од дополнителни услови.
Танги изрази особено задоволство од реализацијата на оваа посета, како потврда на динамизираните билатерални односи меѓу собранијата на двете држави и посветеноста на пратениците за взаемна соработка од заеднички интерес. Во однос на европските интеграции, беше искажана јасна поддршка од пратениците во Националното собрание и помош за текот на преговорите согласно новата методологија на проширување. Г-ѓата Танги го прифати барањето за иницирање на дебата и донесување на Резолуција во Националното собрание од нејзина страна, посочувајќи дека интеграцијата на регионот во целост и на нашата земја е од стратешко и геополитичко значење за Унијата.
Николоски потенцираше дека поддршката на Француската Република треба да продолжи и да се збогатува билатералната соработка, особено во доменот на одбраната и преку зголемување на француските инвестиции во земјата.
Генералната секретарка Иванова ја поздрави соработката меѓу службите на двата парламента, истакнувајќи го интересот на собраниски службеници за изучување на францускиот јазик, со надеж дека досегашната соработка на поле на евроинтеграциите преку инструментот ТАИЕКС ќе продолжи и во периодот што следи.
Соговорниците беа согласни дека како земји дека треба сеопфатно да продолжи поддршката за Украина, да се интензивира меѓусебната соработка и да се искористи моментумот на процесот на проширување со непречено спроведување на преостанатите обврски кои се предуслов за отворање на преговарачките поглавја во процесот на пристапување во ЕУ.
Собрание на Република Северна Македонија