Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во рамки на проектот „Отворен кабинет“ со дел од раководството денеска го посети Центарот за обука во Идризово каде што во тек е 12-месечната полициска обука на новоизбраните кандидати за полициски службеници.
-Денеска низ дружењето со нив им потенцирав дека за нив тука почнува ново поглавје во професионалниот живот, запознавање и учење на фундаменталните вештини, практики и знаења на полициското работење, изјави министерот.
Спасовски во разговор со кандидатите им потенцираше дека професијата што ја избрале и за која беа селектирани е одговорна, но и сериозна работа во којашто дури и личната безбедност зависи од новиот колега или другар независно од половата, верската, социјалната или која и да е друга различност, истакнувајќи дека „разликите какви и да се тука исчезнуваат бидејќи овде сите стануваат едно – припадници на Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија“.
Соопшти дека почнува реконструкција на комплексот на Центарот за обука во Идризово со која ќе бидат опфатени четири објекти, павилјоните во кои се сместени машките кандидати за полициски службеници, Управната зграда со мензата и Школскиот објект со придружни содржини, како и пистата за постројување на кандидатите.
-Градежните активности во вредност од 184.838.711 денари се обезбедени средства од буџетот на Министерството за внатрешни работи, рече Спасовски.
Во изминатиот период, како што рече, извршено е реновирање и осовременување на мензата за исхрана на полициските кандидати каде што беше воведен новиот концепт за исхрана со надворешен економски оператор, концепт кој прво беше имплементиран во мензите на специјалните полициски единици. Тој концепт резултирал со двојна добивка – исполнување на зададените високи стандарди во квалитетот на исхраната со воспоставен контролен механизам од страна на МВР и намалување на финансиската вредност на самиот оброк.
-За потсетување, од 2017 досега се реконструирани 80 објекти и полициски станици на Министерството со имплементирана енергетска ефикасност на истите, обезбедени нови униформи за сите единици, и неколкукратно зголемената целата опрема со која работат и ја користат полициските службеници, додаде Спасовски.