Спасовски: Драстично помалку кражби и разбојништва од воведувањето кризна состојба во затворот „Идризово“

spasovski
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Од моментот на траењето на кризната состојба односно од постапувањето на МВР во затворот „Идризово“, драстично се намали бројот на извршување на разбојништва на кражби на територијата и на општина Гази Баба, меѓутоа и на територијата на градот Скопје, рече министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски одговарајќи на прашањето дали има ефекти од кризната состојба односно од асистирање на полицијата за обезбедување на затворот.







Според министерот, резултатите укажуваат дека имало аномалии, коишто претходно ги утврдиле односно, нелегално излегување на лица од затворот.

-Се додека има потреба од постоењето на една ваква состојба е добро да биде заради тоа што се работи за безбедноста. Оваа институција мора да биде целосно под контрола за да бидеме сите ние безбедни како граѓани, дополни Спасовски на прашањето до кога би траела кризната состојба.

Појасни дека се асистира според оперативен план направен со службата на Казнено-поправната установа „Идризово“ и со Армијата на РСМ во делот на обезбедувањето.

-Заради тоа што состојбата, намалувањето на кадарот на полициски службеници итн. влијае на оваа ситуација. Можам да кажам дека ситуацијата е целосно под контрола. Сето она што е ставено под контрола на МВР – тоа се влезовите, контролата на се што влегува внатре е на високо ниво, истакна Спасовски одговарајќи на новинарски прашања при посетата на Центарот за обука Идризово.

На прашањето дали и зошто градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски е често повикуван на распит во полиција, министерот за внатрешни работи одговори дека „секоја кривична пријава што ќе биде доставена мора сериозно да биде обработена“.

-Да се постапи врз основа на сите законски овластувања коишто ги има и полицијата и насоките коишто ги добива од јавните обвинители и да се преземат мерки коишто се предвидени согласно Законот за кривична постапка, така што тука апсолутно не станува збор за ништо друго освен за постапување така како што предвидува Законот. Уште еднаш напоменувам дека без разлика дали е тоа функционер, дали е обичен граѓанин, за секој еден за којшто постои сомнеж дека има некаква нелегална активност, тие нелегални активности треба да се испитуваат. Така што, ниту избори, ниту тенденции, ниту политики не може да се врзуваат за работата на македонската полиција, додаде Спасовски.

Во однос на пожарот во архивата на Судот во Куманово, министерпт одговори дека се уште трае гасење на пожарот.

-Во моментот не можеме да кажеме што точно е зафатено од пожарот, бидејќи според најновите информации коишто сега ги добив, се уште трае акцијата на гаснење на пожарот. Ние ги активиравме сите служби, заминаа и началници и раководители од Одделот за криминалистички и технички испитувања и вештачења од Скопје се со цел да може да се направи увид и да видиме кои се причините и што точно е зафатено со пожарот, рече Спасовски.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK