Со самиот избор за продолжување на образованието на ФЕИТ, сте ја направиле најголемата инвестиција во вашите животи. Ова го истакна министерот за образование и наука Јетон Шаќири на промоцијата на новата генерација дипломци и магистри на Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) во Скопје.
Како што се наведува во денешното соопштение на МОН, тој оцени дека токму овој млад и квалификуван кадар ќе даде голем придонес во развојот на државата и нејзиното меѓународно интегрирање од аспект на конкурентност на стопанството, знаењето и технологијата.
– Да се инвестира во знаење и образование е најсигурна и најисплатлива одлука. Вие сте сега личности кои се стекнале со вештини и компетенции, подготвени стручно и професионално да се справуваат со предизвиците на новото време, смета министерот.
Кадар сте, додаде Шаќири, кој е баран и дефицитарен на пазарот на трудот, така што „сигурен сум дека ќе имате можности за добра заработка и за професионален и кариерен развој“.
– Верувам дека голем број матуранти ќе го следат вашиот пример и ова е добра прилика во пресрет на претстојните уписи во високо образование, да упатам порака до нив, доколку имаат афинитети кон електротехниката и информатичката област, да одберат да се образуваат на оваа високообразовна установа, за која сум убеден дека и во иднина, не само што ќе ги одржува, туку и континуирано ќе ги подигнува, стандардите за квалитет на настава и за спроведување на научно – истражувачка дејност, рече министерот.
Шаќири изрази благодарност до професорите и до сиот кадар кој работи на оваа високообразовна установа, потенцирајќи дека овие нови генерации и сите претходни кои веќе успешно работат во дејноста, се потврда за добро исполнетата образовна мисија.