Министерката за одбрана Славјанка Петровска денеска имаше средба со државниот секретар на Министерството за надворешни работи на Кралството Норвешка, Ејвинд Вад Петерсон, норвешкиот амбасадор Јорн Гјелштад и одбранбеното аташе на Норвешка, полковник Даг Магне Лунде.
Продлабочувањето на одбранбената соработка помеѓу Северна Македонија и Норвешка преку потпишување на повеќегодишен Стратешки план за соработка помеѓу двете армии беше тема во фокусот на денешната средба, на која се разговараше и за зајакнувањето на колективната безбедност и проширувањето на Алијансата преку приемот на Шведска, како и за норвешката донација на воена опрема за македонската Армија, соопшти МО.
– Република Северна Македонија уште минатата година го ратификуваше пристапниот протокол за членство на Шведска во НАТО и очекуваме оваа земја да се придружи на североатлантското семејство во најбрз можен рок. Така ја зацврстуваме нашата колективна безбедност и така го демонстрираме нашето единство, порача Петровска на средбата.
Во поглед на процесите за модернизација и опремување на македонската Армија, министерката Петровска се заблагодари за норвешката поддршка и донација на воена опрема во борбени и товарни возила која треба да се реализира во текот на 2023 година.
Министерката Петровска ја осуди руската агресија врз Украина и потенцираше дека Северна Македонија беше меѓу првите држави кои ја поддржаа Украина со конкретна воена помош за одбрана на сопствената територија.
– Украина е таа која легитимно ја брани својата држава. Затоа бевме меѓу првите држави кои ја осудија руската инвазија и дадовме политичка, но и воена поддршка за одбрана на своите граѓани и територија, рече Петровска.