Петровска на состанок на Северноатлантскиот совет на НАТО, теми – зацврстувањето на одбраната, стабилното финансирање и потврда на поддршката за Украина

petrovska
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Министерката за одбрана Славјанка Петровска денеска информира за средбите и разговорите со министрите за одбрана на земјите членки на НАТО, во рамки на состанокот на Северноатлантскиот совет. Притоа, како што соопшти МО, Петровска посочи дека една од главните теми на состанокот во текот на вчерашниот ден, а и денеска е потребата за одвојување на минимум два отсто од бруто-домашниот производ за одбрана, одлука која треба да биде донесена на Самитот на НАТО во Вилнус идниот месец.

-Финансиските импликации врз буџетот во делот на одбраната не треба да се гледаат како трошење, туку напротив како инвестиција во одбраната, заради тоа што околностите коишто сите ние денеска ги гледаме, она што се случува на европско тло покажува дека навистина треба сите да го зголемиме инвестирањето во одбраната, вели министерката Петровска.


Таа додаде дека одбраната не треба да ја гледаме веќе само конвенционално, односно преку призмата на Армијата и класичното вооружување, туку таа е има поширок обем и зафаќа и дел и од сајбер одбраната.

Министерката истакна дека дискусијата околу поставувањето на критериумот за вложување на минимум 2 отсто од БДП за одбрана ќе продолжи и до Самитот на НАТО во Вилнус. Северна Македонија оваа година одвојува 1,85 отсто од БДП за одбрана, а нивото од 2 отсто од БДП ќе го достигне веќе следната година.

Петровска се осврна и на разговорите од вчерашниот ден кога сојузниците ја потврдија својата посветеност и поддршка за Украина, и политички и во контекст на воената и хуманитарната помош.

-Во текот на вчерашниот ден на состанокот со Контакт-групата за Украина која е под водство на САД, секоја земја уште еднаш и силно ја повтори поддршката за Украина во секоја смисла на зборот, не само онаа политичка, меѓутоа и она што досега секоја земја поединечно го прави, а тоа е поддршка во воена и хуманитарна помош за Украина, односно она што најмногу им е потребно со цел да ја одбранат својата суверена и независна територија, рече Петровска.

Министерката информираше и за исходот од билатералните средби со германскиот министер за одбрана, Борис Писториус и со министерката за национална одбрана на Канада, Анита Ананд.

-На средбата со министерот за одбрана на Германија уште еднаш ја потврдивме заложбата за продолжување на соработката во делот на одбраната, но особено разговаравме во делот на набавките кои во моментов се случуваат во Министерството за одбрана, односно процесот на модернизација на Армијата каде Германија може како држава сојузник и наш долгогодишен партнер да ни помогне, односно сојузнички да си помогнеме едни со друг“, потенцираше министерката за одбрана.

За средбата со министерката Ананд, Петровска истакна дека станало збор за „она што е актуелно на европско тло, меѓутоа и за зголемување на нашето присуство во рамките на истурената мисија во Латвија која е под покровителство на Канада“.

Ја испраќаме пораката, нагласи Петровска – дека Република Северна Македонија навистина, покрај политичката заложба која ја има како членка на Алијансата, учествува и го зголемува својот капацитет со учество во мисиите кои се со цел одвраќање и одбрана на НАТО територијата. 

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK