Важно е да го чуваме сознанието дека нашето постоење, јазик, уметност, култура, нашиот светоглед не постојат затоа што се верификувани од другите, туку затоа што се јадрото, самата суштина на нашите животи која ни овозможува траење низ времето и просторот, истакна претседателот на државата Стево Пендаровски на отворањето на осмата Меѓународна научна конференција „Крсте Мисирков и македонскиот јазик – извор на научни истражувања“ во рамки на Отворените денови на Институтот за македонски јазик.
Во таа смисла, нагласи претседателот, „и како минато, и како сегашност, и како иднина, Мисирков и „За македонцките работи“ биле и остануваат да бидат стожерот на македонскиот јазичен, национален и културен идентитет“.
-Јасно е дека наспроти глобалните процеси, кои од мноштвото сакаат да направат едно, сепак, на овој свет опстојуваме најмногу затоа што сме Македонци коишто зборуваат на македонски јазик, истакна Пендаровски.
Шефот на државата порача научната јавност да не потпаѓа на притисокот на, како што рече, дневно-политичките настани и да ја чува „својата автономија, достоинство, објективниот и критичкиот пристап во проучувањето на историските и актуелните феномени“.
-Токму научниците, писателите, уметниците се моралната и естетска вертикала која го чува интегритетот на човештвото во овие времиња на виртуелна реалност моделирана од новите медиуми и социјални мрежи, каде што честопати формата е побитна од содржината, додаде Пендаровски на отворањето на конференцијата на Институтот за македонски јазик.
Таа се организира во знакот на два јубилеја – 70 години од основањето на Институтот и 120 години од објавувањето на книгата „За македонцките работи“ на Крсте Мисирков.