Пендаровски ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Австрија, Мартин Памер

пендаровски
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Претседателот на државата Стево Пендаровски денеска ги прими акредитивните писма на Мартин Памер, новоименуваниот амбасадор на Република Австрија во Република Северна Македонија. Како што информира Кабинетот на Пендаровски, во обраќањето на церемонијата на предавање на акредитивните писма, тој нагласи дека Република Северна Македонија и Република Австрија веќе три децении градат пријателски и партнерски односи и дека е постигнат успешен развој на билатералните односи и соработката речиси во сите сфери од заемен интерес.

-Претседателот изрази задоволство од силната и недвосмислена поддршка на Австрија во контекст на нашиот најзначаен надворешно-политички приоритет, да станеме полноправна членка на Европската Унија, за поддршката во актуелниот ЕУ скрининг-процес, како и за чекорите кои ги преземаме за исполнување на обврските преземени од истиот. Констатирајќи дека Република Австрија е еден од најважните економски и трговски партнери, како и прв странски инвеститор во нашата земја, претседателот Пендаровски посочи дека присуството на бројните австриски компании на пазарот во Северна Македонија и честите бизнис-контакти, како и активностите на Трговското одделение при Австриската амбасада во Скопје дополнително придонесуваат за зближување на нашите држави и народи, се наведува во соопштението.


Во своето обраќање, Претседателот го изрази и задоволството за поддршката на Република Австрија кон нашето претседавање со ОБСЕ кое, како што се наведува, „се одвива во период на многу сложени геополитички околности и безбедносни ризици за поширокиот регион, во време на руската воена агресија врз суверена Украина“.

Претседателот изрази надеж дека за време на мандатот на новоименуваниот австриски амбасадор ќе бидеме сведоци на активна и плодотворна агенда во насока на развивање на меѓусебните односи во сите сфери на билатералната соработка.

-Новоименуваниот амбасадор на Австрија, Мартин Памер, во своето обраќање посочи на бројните билатерални посети на високо ниво во изминатите години како јасен израз за одличните и срдечни односи меѓу двете земји во многу области, како и потврда на заедничките вредности и стратешки интереси. Амбасадорот Памер истакна дека Австрија била и останува цврсто определена за активна, непрекината и силна поддршка на Северна Македонија на нејзиниот европски пат исполнет со предизвици и изрази увереност дека следните потребни чекори ќе бидат успешно постигнати, како и сите други претходно. Австрискиот амбасадор рече дека од независноста, а особено последниве неколку години, Северна Македонија направи многу важни компромиси при што ги наведе Охридскиот рамковен договор, Договорот за пријателство со Бугарија и Преспанскиот договор со Грција. Тој посочи дека во Австрија се свесни за овие храбри чекори и изрази уверување дека сите политички засегнати страни во земјата, ќе продолжат да ја одржуваат оваа култура на компромис, информира Кабинетот на Пендаровски.

Амбасадорот Памер нагласи дека нашите млади луѓе заслужуваат да станат дел од Европската Унија и да ги искусат придобивките и потенцијалот што таа ги нуди и додаде дека проширувањето и брзото пристапување на Северна Македонија кон Европската Унија е од заеднички интерес и е прашање на убедување.

-Новоименуваниот австриски амбасадор ги нагласи и блиските економски односи меѓу двете земји и притоа ја потенцираше одличната позиција на австриските компании во Северна Македонија. Претседателот Пендаровски на амбасадорот Памер му посака многу успех и добро здравје во извршувањето на одговорната функција, се посочува во соопштението. 

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK