Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска денеска во беровското село Двориште го отвори новиот Центар за ран детски развој. Посакувајќи им на дечињата пријатен престој во новиот Центар, а на вработените успешна работа, министерката истакна дека предучилишното воспитание и образование има клучно значење за правилниот детски раст и развој, потенцирајќи дека секое дете треба да биде вклучено во предучилишниот процес.
-Навистина ми причинува задоволство што и децата од населеното место Двориште од денеска официјално добиваат Центар за ран детски развој, каде што ќе се стекнуваат со нови знаења и вештини и истовремено низ игра, песна и други заеднички активности ќе се дружат. На тој начин се стекнува со навики и предзнаења коишто го олеснуваат влезот во натамошниот образовен процес. Од особено значење е и социјализацијата. Токму преку неа, децата полесно ги прифаќаат и ги почитуваат разликите меѓу нив. Учат дека различноста не прави сите нас посебни и секоја индивидуа треба да се почитува, рече Тренчевска.
Моменталниот интерес за престој во Центарот како што додаде министерката е 12 деца од предучилишна возраст, со можност во иднина оваа бројка да се зголеми до максимум 24 деца на дневна основа, имајќи предвид дека се работи за престој од 3 часа и можноста за организирање во две групи.
Денешниот ден за населението од Двориште како што истакна Невенка Таковска, директорка на градинката „23 Август“ е посебен ден за родителите, бабите и дедовците на децата, бидејќи селото до сега немаше градинка.
-Денеска имавме прилика да видиме многу детски насмевки и самите деца учествуваа во подготовката за адаптација на објектот.
Благодарност до градоначалникот на Општина Берово, што ја поддржа оваа иницијатива и денеска ни се оствари отворањето на центарот. Посакувам многу среќа, здравје на дечињата, многу успех, добра соработка да имаат со учителката, убаво да го поминуваат времето-истакна директорката на детската градинка „23 Август“, рече Таковска.