Маричиќ: Вредни се за разгледување барањата на Мицкоски кои се движат во Преговарачката рамка

marichikj 1
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ оценува дека се вредни за разгледување сите барања, очекувања или услови на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан  Мицкоски кои, како што нагласува, се движат во Преговарачката рамка.

-Мицкоски изнесе повеќе услови за гласање, според мене, добро е што дијалогот започна и добро е што се премина таа линија на табу околу гласањето, односно околу поддршката за внесот на Бугарите во Преамбулата и во нашиот Устав. И не само Бугарите туку сите оние заедници, и Словенците, Хрватите, Црногорците и сите оние коишто би требало да бидат спомнати во Преамбулата. Добро е што се премина таа линија и дека не е повеќе табу да се гласа за уставните измени. Од друга страна, сите барања или сите очекувања или услови на господинот Мицкоски се вредни за разгледување, оние коишто имаат втемеленост во реалноста, односно оние коишто се движат во Преговарачката рамка, вели Маричиќ во интервју за Македонското радио.


Одложеното дејство на уставните амандмани, дополнува тој, излегува од Преговарачката рамка и не враќа повторно на маса да преговараме одново и со ЕУ и со Бугарија околу условите.

-Тоа секако значи враќање многу чекори назад и мислам дека тоа не ни треба, но за сите други прашања околу формулата дали би влегле во широка Влада, кога, под кои услови, со кого, сето тоа е вредно да се разговара доколку тоа помага во ставот на ВМРО -ДПМНЕ да гласа за уставните измени, посочува вицепремиерот Маричиќ.

Сумирајќи ги пораките од третото издание на Преспа форумот за дијалог, наведува дека е општ заклучокот дека од двете страни е потребен напор „за да успееме во 2030 година да го оствариме она што ни е зацртано – членство на државите од Западен Балкан“.

-Имавме многу квалитетни дискусии и сметам дека од сите тие дискусии може да се заклучи дека апсолутно е возможна мисија зачленувањето на државите од Западен Балкан во ЕУ до 2030 година, но секако не е гарантирано. Треба да се одработи, треба да се исцрта патот и од ЕУ и од државите на Западен Балкан. Потребни се секако оние неопходни реформи за коишто сите знаеме, потребно е да се стават под извесен вид на контрола, односно патека, билатералните спорови во регионот, бидејќи ги има повеќе и потребно е ЕУ од своја страна да овозможи и повеќе средства достапни на државите од ЗБ, но и јасен план за членство, вели Маричиќ.

Северна Македонија, потенцира вицепремиерот, е една од поделикатните држави во регионот бидејќи „имавме навистина специфичен, да не кажам уникатен пат до ЕУ“.

-Навистина тежок пат, оптоварен со билатерални прашања и со Грција и Бугарија, со долгогодишно чекање за почеток на преговорите и сметам дека сите без исклучок сметаат дека Северна Македонија заслужува да ги продолжи преговорите што ги започна минатата година и во што најкус можен рок да ги заврши и во првиот наредн бран на проширување на ЕУ да бидеме дел од тоа, додава тој.

Според Маричиќ, државава има сериозна поддршка за евроинтеграциите, а со неодамна усвоената Резолуција во германскиот Бундестаг намерата е, вели,  да дадат видлива и јасна поддршка на нашиот евроинтеграциски пат, да испратат јасна порака до Македонците и граѓаните на Северна Македонија дека Германија стои зад нас и дека не постојат опасности по нашиот идентитет и јазик и по сите наши обележја во текот на преговорите со ЕУ.

-Мислам дека таа порака покрај Германија ја испратија јасно и сите други претставници. Така што, за нас имаше зборови на силна поддршка и поттик да се завршат сите обврски за да продолжиме успешно со преговорите, наведува вицепремиерот Маричиќ.

Тој одговара и што е конкретно сработено на нашиот пат кон полноправното членство во Унијата и потсетува дека од септември минатата година започна скрининг процесот, којшто вели дека ни помага да ја мобилизираме администрацијата и да направиме анализа до каде сме со законското усогласување, но и со институционалните капацитети колку сме подготвени за имплементација на обврските и во кој рок сме подготвени целосно да се усогласиме со ЕУ односно со стандардите на ЕУ.

-Во тој процес на скринингот ги одговараме тие основни прашања и сметам дека можам да кажам дека сме навистина на завидно ниво на подготвеност. Тоа не значи дека сме спремни да влеземе утре но дека имаме добра основа преговорите да ги завршиме во некој разумен рок од неколку години. Работиме и на три патокази кои се услов за отворање на првиот кластер кога ќе дојде моментот за почеток на поглавјата, односно за отворање на преговорите во следна фаза. И тука владеење на право, реформи во јавна администрација и функционирање на демократски институции како три теми за трите патокази ни се приоритет затоа што тие се најважните задачи кои се отвораат на почетокот на преговорите и остануваат до крајот, вели Маричиќ.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK