Областа „Образование и култура“ обработува суштинска тема за постигнување на благосостојба на македонските граѓани, врз основа на солиден инклузивен економски раст на државата, порача вицепремиерот задолжен за европски прашања и главен преговарач со ЕУ, Бојан Маричиќ на денешниот билатерален скрининг состанок за Поглавјето 26 – „Образование и култура“ во Брисел.
– За развој на македонската економија главен развоен ресурс го гледаме човечкиот капитал, по примерот на развиените економии на ЕУ, а неговиот квалитет зависи од понудата на соодветно образование и обука. Затоа ќе продолжиме да се координираме со политиките на ЕУ и да ги зајакнеме административните капацитети, рече Маричиќ.
Тој се осврна и на клучните реформи во поглавјето „Образование и култура“, потенцирајќи го новиот Предлог-закон за средно образование кој предвидува 20% од наставните програми да се изучуваат со користење на дигитални инструменти или дигитални содржини.
Кога станува збор за националниот образовен систем, Маричиќ најави дека Министерството за образование и наука подготвува нов Закон за средно образование за дополнително да ги елаборира посебните поглавја за инклузивно образование, демократско учество на учениците, работата на Регионалните центри за стручно образование и обука, како и одржливоста на животната средина.
– Дополнително, почнувајќи од учебната 2023/24 година, основните училишта со ресурсни центри или поранешни специјални училишта повеќе нема да примаат ученици со посебни образовни потреби, со што успешно постигнавме целосна инклузија на учениците со посебни образовни потреби во основните училишта и поширокото образование, рече вицепремиерот, додавајќи дека Владата подготвува и Национална стратегија за правата на лицата со попреченост 2023-2030 година.
Главниот преговарач со ЕУ истакна дека земјава активно и успешно учествува во образовните европски програми Еразмус+ и Европскиот корпус за солидарност и дека до овој момент, повеќе од 35.000 учесници ги подобрија своите способности и ги искусија придобивките од Еразмус+ во сите клучни активности, укажувајќи дека во моментов во завршна фаза на развивање е Националната стратегија за млади, следејќи ја методологијата на ЕУ и континуиран дијалог со сите релевантни чинители.
Во однос на политиките во областа на културата, Маричиќ рече дека нашата земја спроведува и финансира програми и проекти за поддршка на културата, а паралелно дека ги усогласува нашите политики со целите на европска агенда за култура, потенцирајќи дека Северна Македонија беше меѓу првите во регионот што го потпиша договорот и е успешен учесник во програмата на ЕУ Креативна Европа.
Денешните презентации пред претставниците на Европската комисија се фокусираат на прегледот на нашата законска рамка, нивото на усогласеност, институционалната рамка и идните планови во главните домени – основно, средно и високо образование, пристап до образование и еднаков третман, стручно образование и обука, учество во програми на ЕУ, политики за млади и спорт и областа на културата.
На билатералниот скрининг состанок присуствува и министерката за култура, Бисера Костадиновска Стојчевска и министерот за образование и наука Јетон Шаќири.
Билатералната скрининг агенда утре продолжува по Кластерот 3 – „Конкурентност и инклузивен раст“ за Поглавјето 20 – „Претпријатија и индустриска политика“.