Ковачевски: Владата категорично определена за подобрување на домашните услови

kovacevski
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, при денешната посета на компанијата А.Д. Европа порача дека ќе се продолжи силно со поддршката на домашните компании и стандардот на граѓаните и дека во Владата се категорично определени за подобрување на домашните услови, да се отворат уште нови регионални, европски и светски пазари за граѓаните и компаниите.

– Членството во НАТО ги отвори вратите за нови инвестиции бидејќи инвеститорите сакаат пред се сигурност, а со натамошниот напредок на европските интеграции ќе ја донесеме Европа дома и ќе ги задржиме младите луѓе во родната земја за со својот креативен потенцијал и младешка енергија да ја развиваат Република Северна Македонија, нагласи премиерот Ковачевски.


Тој потсети по основ на законот за финансиска поддршка на инвестиции инициран во 2018 година, само минатата година државата обезбеди 23 милиони евра директна финансиска помош за над 410 компании што, како што рече е најголема државна поддршка за домашните компании досега од осамостојувањето на државата.

– Пред само три дена Државниот завод за статистика објави дека просечната исплатена нето плата по вработен во април 2023 година надмина 36 илјади денари, а за споредба во 2017 година таа беше 22.500 денари. Минималната плата од март годинава е над 20 илјади денари а во 2017 година таа беше 12 илјади денари, истакна премиерот.

Додаде дека минатата година, покрај најголемата економска и енергетска криза со која се соочи светот државата ја завршила годината со историски рекорд на странски директни инвестиции во државата со износ од 753 милиони евра.

Тој исто така информираше дека невработеноста во изминатите години е намалена за 8 проценти, а стапката на вработеност е зголемена за 9,5 проценти. Инфлацијата која била 19,8 проценти во октомври 2022 година веќе е падната на ниво од 11 проценти и рече дека се очекува да падне уште до крајот на 2023 година и да биде во согласност со Народната банка и Министерството за финансии и да се намали на ниво од 8 проценти.

Вицепремиерот задолжен за економски прашања и инвестиции, Фатмир Битиќи, истакна дека Владата обезбедува поддршка за локалните компании за нивно интегрирање во глобалните вредносни синџири, односно  на нивната способност да креираат дополнителна вредност не само на домашниот пазар, тука и на регионалните и глобални пазари.

– Како Влада покажавме на дело дека сме посветени и истрајни во нашата намера на транспарентен начин да ги поддржуваме домашните компании во нивните напори за унапредување на производството и конкурентноста што ќе резултира со отворање на нови работни места, рече Битиќи.

За А.Д. Европа, тој рече дека е компанија чие делување претставува јасен показател за успешноста на економските политики на Владата кои се спроведуваат преку Законот за финансиска поддршка на инвестициите.

– Преку Законот за финансиска поддршка на инвестициите, ние создаваме доверба кај компаниите и ги стимулираме во влегување во нови инвестициски циклуси, како што е примерот со Европа која по завршување на првиот инвестицискиот проект во 2019-та година, го потпиша и вториот договор кој завршува на крајот на оваа година. Вкупно исплатената државна помош за двата циклуса изнесува над  14 милиони и 300 илјади денари преку мерките Поддршка за пораст на капитални инвестиции и приходи и Поддршка за зголемување на конкурентност на пазарот, рече Битиќи.

Генералниот директор на А.Д. Европа, Марика Караџова, ја поздрави посетата на премиерот Ковачевски и вицепремиерот Битиќи и нагласи дека за време на четиригодишната криза тие научиле како брзо да реагираат на промените и предизвиците но потенцираше дека тоа не би можеле да го постигнат сами без поддршката на властите.

А.Д. Европа која е отворена во 1882 година постои во нашата земја веќе 140 години и е позната по производството на чоколадни производи, локуми и колачи.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK