До крајот на оваа година имаме два капитални проекти што ќе започнат да се градат во Кавадарци – дневен регионален центар за лица со попреченост и дом за стари лица. Ова попладнево го најави пратеничката и членка на Извршниот одбор на СДСМ, Даниела Колева на трибина на партијата, насловена „Континуирана грижа за вас“, во организација на партиската Комисија за труд и социјална политика.
Колева ги спомена и заложбите на сите чинители што заедно со неа комплетно застанале зад потребите од старски дом за кавадарчани, премиерот Димитар Ковачевски, Министерството за труд и социјална политика, пратеникот Панчо Минов и Здружението на пензионери.
Осврнувајќи се на резултатите што, како што нагласи, „прават разлика“, таа се задржа и на тоа каква била ситуацијата порано во Кавадарци, а каква е сега.
– Во 2016 година имаше над 300 дечиња, незгрижени во детски градинки. Во рок од шест години, се изградија целосно нова детска градинка, што загрижува 150 дечиња, две доградби и две градинки во рурални средини. Во моментов нема ниту едно дете на листа на чекање за во градинка, нагласи Колева, зборувајќи и за многу други мерки и политики за доброто на сите граѓани.
Потпретседателот на СДСМ и градоначалник на Валандово, Перо Костадинов, пак, рече дека се инвестира во мерки и политики што значат вистинска грижа за сите граѓани.
Според него, социјалната политика е сегментот каде што можеби најдобро се гледа разликата помеѓу сработеното на СДСМ и нивните политички противници.
– Ние од СДСМ инвестираме во се она што е важно за градење силни поединци и силно општество кое пружа шанси за сите категории граѓани. За овие шест години централната власт на СДСМ изгради и реконструираше детски градинки и училишта во речиси сите општини во државата. Ние во Општина Валандово, ги следиме и почитуваме социјалдемократските вредности и идеали и затоа сместувањето во градинките во нашата општина е бесплатно. На тој начин придонесуваме децата уште од најмала возраст да имаат еднакви услови за развој. Од друга страна, на овој начин го забрзуваме и процесот на враќање на работа или на пазарот на трудот на мајките чии што деца не седат дома, туку посетуваат градинка, порача Костадинов во своето обраќање на денешната трибина во Кавадарци.
Тој истакна дека СДСМ преку сите механизми и институции што ги има на располагање, ќе продолжи да ја унапредува грижата за сите категории граѓани.