Бектеши: И покрај енергетската криза засилено инвестираме во енергетска транзиција и регионално енергетско поврзување

bektesi
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Министерот за економија Крешник Бектеши на денешниот панел „Политики и технологии кон декарбонизација“ на годинешниот МЕФ 2023 форум, истакна дека и Република Македонија, исто како и остатокот од Европа го почувствува силно негативното влијание од војната во Украина врз енергетскиот сектор, што предизвика пораст на цените на природниот гас поради нарушувањето на снабдувањето со природен гас од Русија.

– Но, и покрај енергетската криза ние засилено работевме на трансформација на енергетскиот систем во земјата, нагласи министерот Бектеши.


Тој посочи дека во последните години, Владата работи на реформи за зголемување на инвестициите во обновливи извори на енергија.

– Само во последните години имаме инсталиран капацитет од обновливи извори на енергија, од фотонапонски централи од 110 мегавати што е за речиси 100 отсто повеќе споредено со тоа што е направено од осамостојувањето на земјата. Врз основа на побарувачката од компаниите и од инвестициите на државната компанија ЕСМ, до крајот на годината ќе имаме повеќе од 350 мегавати инсталиран капацитет од фотонапонски централи. На барање на Стопанските комори се размислува на опцијата производството на електрична енергија од обновливи извори од приватни инвеститори да биде откупено од државната компанија ЕСМ со цел да е зачува хидропотенцијалот и другите извори на обезбедување на енергија, како што се термоелектрани. Така ќе бидеме подготвени за следната зима и во наредниот период што е во согласност со нашата стратегија за развој на енергетиката, кажа Бектеши.

Министерот потенцираше дека  Македонија е целосно зависна од рускиот гас но со поддршка на нашите партнери САД и ЕУ минатата година државата успеа да обезбеди дополнителни капацитети во гасоводот со Бугарија со што се диверзифицира снабдувањето со гас за земјата.

– Успеавме да ослободиме дел од капацитетите на единствениот гасовод кој го имаме со Бугарија, кој е целосно закупен од руски „Гаспром“, односно успеавме да го зголемиме капацитетот на гасоводот за да ја диверзифицираме набавката на гас за нашите енергетски капацитети и секако да обезбедиме греење на граѓаните. Од сега почнуваме со подготовки за следната зима, се со цел да имаме уште поголема независност од руски гас. До крајот на годината ќе започне изградбата на интерконекторот со Грција кој ќе овозможи да набавуваме гас од ТАП и од други извори, посочи Бектеши.

Тој најави дека  Македонија работи на реализација на проект за инвестиција во изградба на гасна централа од 600 до 800 мегавати која според првичниот план би се градела во нашата земја, но во чија изградба би учествувале со дел од инвестицијата сите земји во регионот.

– Нашиот план е да ги поканиме нашите соседи да учествуваат во реализација на овој енергетски проект, кој ќе биде на регионално ниво. Нашиот предлог е да биде во  Македонија на место на ТЕЦ Неготино и сите земји кои имаат интерес во овој проект кој планираме да почнеме со реализација следната година да учествуваат како стејкхолдери, потенцираше Бектеши. 

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK