Претседателот Стево Пендаровски вчера попладне во Њујорк се обрати на отворената дебата за одржување на меѓународниот мир и безбедност на Советот за безбедност, на тема „Одржување на целите и принципите на Повелбата на ОН преку ефективен мултилатерализам: одржување на мирот и безбедноста во Украина“.
Тој порача дека најитната задача на Советот за безбедност е да биде проактивно ангажиран за ставање крај на војната во Украина.
„Единствениот начин да се постигне оваа цел е преку дипломатија и преговори, засновани на почитување на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина во нејзините меѓународно признати граници. За таа цел, првиот чекор треба да биде итно и безусловно примирје, за да се создаде амбиент за почеток на преговорите. Во текот на целиот процес, Обединетите нации треба да воспостават мировна мисија со главна задача да го надгледува примирјето и хуманитарната помош за цивилите“, истакна Пендаровски.
Тој нагласи дека агресијата на Руската Федерација против Украина нанесе силен удар врз меѓународниот мир и безбедност, основните принципи на меѓународното право и меѓународниот поредок.
„Оваа војна го предизвика мултилатерализмот, како основа на меѓународниот поредок, на невидено ниво. А, како што сите знаеме, меѓународната и безбедносната архитектура, чиј најважен одраз се Обединетите нации, е насочена кон мултилатерализмот.
Сегашната ситуација е резултат на игнорирањето на обврските содржани во Повелбата на ОН од 1945 година. Без почитување на суверената еднаквост и територијален интегритет на секоја земја-членка, не можеме да зборуваме за ефективен мултилатерализам. Досега видовме неколку обиди за редефинирање на основите на меѓународниот поредок, но ниту еден од нив не доби толку широка поддршка како принципите што цивилизираниот свет ги воспостави по ужасите на Втората светска војна.
Во таа смисла, блокадата во која се наоѓа Советот за безбедност како главно тело на ОН, кое има за цел зачувување и унапредување на меѓународниот мир и безбедност, беше поттикнат токму од непочитувањето и, би рекол, дури и свесното заобиколување на основните принципи на меѓународниот поредок“ рече Пендаровски.
Според него, јасно е дека оваа блокада го намалува кредибилитетот и довербата на луѓето дека Обединетите Нации можат ефективно да ја постигнат клучната цел за која беа формирани пред речиси осум децении.