Бројките ги одразуваат стабилните економски перформанси – БДП за 2024 е 2.8 отсто, а СДИ достигнаа над 1 милијарда евра, објави владината портпаролка, Марија Митева.
„Македонскиот бруто-домашен производ (БДП) забележа раст од 3,2 отсто во последниот квартал од 2024 година, со што вкупниот раст на БДП за целата година достигна 2,8 проценти. Овие бројки ги одразуваат стабилните економски перформанси, поттикнати од стратешките политики, подобрените деловни услови и континуираните инвестиции во клучните сектори“, рече Митева.
Како што рече, во граадежништвото е забележан значителен раст од 13,2 отсто, а тоа ги потврдува зголемените инвестиции и активност во инфраструктурни проекти. Повеќе јавни и приватни инвестиции, придонесуваат за зголемена активност во градежниот сектор, кој стана водечка индустрија за раст на БДП.
Зголемен е порастот и во стручни, научни и технички дејности, овој сектор пак се покажа како еден од клучните двигатели на економијата, во контекст на зголеменото внимание на иновациите, технолошкиот напредок и дигитализацијата, што директно влијае на продуктивноста и конкурентноста на македонската економија каде има пораст од 10,6 отсто.
Подеднакво значајна вест, рече Митева, е што 2024 година веќе постави историска пресвртница во странските директни инвестиции кои достигнаа 1милијарди и 255 милиони евра, највисока сума во историјата на Македонија. Овој извонреден прилив на инвестиции, додаде таа, е јасен доказ за довербата што ја имаат меѓународните инвеститори во нашата економија и нејзиниот иден потенцијал.