На денешната прес-конференција, Павле Трајанов, претседател на Демократскиот сојуз и пратеник, меѓу другото нагласи: „Јас, раководството и над 33000 членови на Демократскиот сојуз сме цврсто определени за Македонија да биде полноправна членка на Европската Унија. Тоа е наш врвен национален, стратешки и државнички интерес. Од таа цел не отстапуваме и сѐ досега што правиме и дејствуваме е во тој правец и така ќе продолжиме.
За уставните промени нема граѓански и политички консензус, бидејќи тие се резултат на бугарските непринципиелни барања и надвор од Копенхашките критериуми.
Владата ја прифати Преговарачката рамка без експертска анализа, поширок граѓански и политички консенсуз и рамка во која се вградени билатерални прашања наметнати од Бугарија, прашања со кои се отвораат историски, образовни, јазични, културни и идентитетски дилеми, со кои во суштина се негира историскиот континуитет на македонскиот народ и автентичноста на македонскиот јазик.
Преку Комисијата за историски и образовни прашања и годишните протоколи, кои се составен дел од Преговарачката рамка, се оспорува македонскиот карактер на историските настани, македонските револуционери, па дури и Охридската Архиепископија.
Во суштина се „сечат“ корените на македонскиот народ, со што се доведува во прашање и неговата иднина и просперитет.
Ковачевски, Османи и Маричиќ, како и ДУИ и СДСМ, вршат огромна манипулација дека наводно ЕУ го признава македонскиот јазик. Но вистината е дека во ниту еден документ не стои дека по приемот на Македонија во ЕУ, македонскиот јазик ќе биде службен, официјален јазик во ЕУ.
Во заклучоците на Советот на ЕУ стои само дека преводот на материјали (директиви, одлуки итн.) ќе се врши на макеонски јазик, но и дека Бугарија и Македонија имаат право да дадат свои унилатерални изјави околу јазикот, кои се составен дел на пакетот документи и одлуки на ЕУ поврзани со евроинтеграциските процеси на Македонија.
Павле Трајанов до Европската Унија и до Претседателот на Европската комисија Урсула Фон Дер Лајен, упати неколку барања меѓу кои Советот на Европската Унија да донесе одлука со која ќе ја обврзе Бугарија да ги спроведе одлуките на Меѓународниот суд за човекови права во Стразбур, да им дозволи регистрација на здруженијата на Македонците во Бугарија за негување на нивните идентитетски, јазични, културни и други особености.