Неопходно е да се заврши потребната експропријација и дислокација на електричните и телекомуникациски водови, а потоа, пред Нова Година „Бехтел и Енка“ да влезат на терен со активности за изградба на коридорите 8 и 10. Ова го истакна директорот на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) Коце Трајановски.
Одговарајќи на новинарски прашања во Кавадарци, Трајановски рече дека претходната влада, во договорот со „Бехтел и Енка“ поставила рокови до крајот на минатата година да бидат завршени експропријацијата и дислокацијата на електрични водови и телекомуникациски водови коешто е надлежност на Македонија и не спаѓа во тие милијарда и триста милиони.
„Правиме интензивни напори и последниов месец и нешто вложуваме голем напор во експропријацијата. Додека не ја решиме експропријацијата тие не може да влезат. Влегуваат откако ќе биде исчистено земјиштето, значи да биде експроприрано, да бидат дислоцирани каблите, да има деминирање. Дури и проектирањето е под надлежност на Република Македонија, не е во тие милијарда и триста, така што интензивно работиме за да може што побрзо „Бехтел и Енка“ да почнат да работат. Се надевам дека пред Нова година веќе ќе ги внесеме на терен“, изјави Трајановски.