Собраниската Законодавно правната комисија денеска треба да го разгледа Предлог-законот за употребата на македонскиот јазик, откако на 8 јуни тој доби поддршка од матичната Комисија за култура. Предлагач на законот е Министерството за култура, а целта е подигање на јазичната култура, негување и заштита на македонскиот стандарден јазик и неговото кирилско писмо, афирмирање на потребата од зголемена општествена и индивидуална грижа за правилна употреба во јавната и во службената комуникација, почитување и унапредување на јазичниот стандард и организирање активности во таа насока.
Министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска на седницата на Комисијата за култура го образложи Предлог-законот, напоменувајќи дека со новиот закон ќе се прошират областите во коишто задолжително се употребуваат македонскиот стандарден јазик и неговото кирилско писмо. Како што рече, ќе се прошири опсегот на задолжително лекторирање текстови што се објавуваат, како општите и поединечните акти на законодавната, на извршната и на судската власт и на единиците на локалната самоуправа, службените документи и текстови на овие органи, но и на јавните установи и институции од областа на културата, образованието и науката.
– Со Предлог-законот ќе се даде правна основа за донесување национална стратегија за македонскиот јазик. Како и досега – и со овој закон проверката на потребното стручно знаење за лекторирање ќе се врши преку полагање испит за добивање лекторска лиценца. За вршење инспекциски надзор над примената на законот се предлага основање Инспекторат за употребата на македонскиот стандарден јазик, орган во состав на Министерството за култура со својство на правно лице, рече министерката.
Членовите на оваа собраниска комисија треба да дискутираат и за Барањето за давање на автентично толкување на член член 15 ставови 1 и 2 и став 4 алинеи 1, 3 и 5, член 19 став 2, член 38 став 4, член 41 ставови 1 и 2, член 46 ставови 3, 4, 5 и 6, член 66 став 1 алинеја 1, член 67 став 1 алинеја 1, член 68 став 1 алинеја 1, член 69 став 1 алинеја 1, член 70 став 1 алинеја 2, член 71 став 1 алинеја 2, член 72 став 1 алинеја 1, член 73 став 1 алинеја 1, член 79 став 2 алинеи 1 и 5, член 80 став 3, член 83 став 1 алинеја 1, член 88 став 1 алинеја 1, член 90 став 1 алинеи 1 и 2, член 91 став 4 алинеја 2, член 94 став 2 и член 134 став 1 од Законот за градежно земјиште („Службен весник на Република Македонија” број 15/15,98/15,193/15,226/15,31/16,142/16 и 190/16 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 275/19), поднесено од градоначалникот на Општина Битола.
Покрај Законодавно правната комисија, во Собранието денеска ќе заседаваат и комисиите за политички систем и односи меѓу заедницитe и за прашања на изборите и именувањата.
На дневен ред на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедницитe се две точки – Предлог на законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик и Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот државните награди, двата прво читање.
Членовите на Комисијата за прашања на изборите и именувањата треба да расправаат по Одлуката за објавување јавен оглас за именување на членови на Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, како и за избор на членови на Советот на јавни обвинители.