Крешник Бектеши како поранешен министер за економија, во чија надлежност до неодамна беше и енергетиката, наместо да преземе одговорност за затекнатите лоши состојби во оваа дејност, шета по медиуми и критикува за состојби директно создадени од неговите политики, истакнуваат од ЕСМ.
„Тој како кадар на ДУИ и раководителите кои оваа партија ги поставила во рамките на енергетските компании, преку низа погрешни потези, одиграле значајна улога да го доведат АД ЕСМ во незавидна состојба. Факт е дека претходната власт не успеала да реализира ниту еден енергетски проект кој ќе придонесеше кон енергетската независност на Македонија, или барем ќе ја намалеше увозната зависност на земјата од енергија. Наспроти тоа, од некогаш силна компанија во државна сопственост, со нестручно управување создале фирма со милионски долгови и загуби, наследени доспеани долгови, очајна техничко-технолошка подготвеност на производните капацитети, лошо изведени или воопшто непочнати ремонти, празни хидроакумулации и неплански третирани рудници за јаглен“, додаваат во соопштението.
Во однос на проектот Александрополис, Бектеши, како што нагласуваат од ЕСМ, ја изманипулирал јавноста дека Македонија има некакви придобивки, а всушност „има само наследени обврски кои АД ЕСМ, го чинат три милиони евра годишно, односно повеќе од 45 милиони евра за наредните 15 години за закупен капацитет за природен гас во терминалот кој засега нема да биде во можност да го користи. Тој треба да биде доблесен и да и признае на јавноста дека Владата во која тој беше министер влезе во проектот целосно неподготвена без бизнис план и стратегија. Според фактите, ниту НОМАГАС стана сопственик на 10 отсто од гасниот терминал, ниту АД ЕСМ сопственик на 25 отсто од гасната електрана во Александрополис. Бектеши спинува информации во врска и со ослободените количини на капацитетот на интерконекторот Ќустендил-Ждилово и си ги припишува како реализиран успех. Вистината е дека АД ЕСМ и ЕСМ Продажба немале потпишано билатерални договори со Булгартрансгас за ослободување на капацитет на интерконекторот Македонија Ќустендил-Ждилово со кој ќе се гарантира преносот на количини за овие компании, туку ослободените количини биле и се предмет на аукција за кои за гасните години 2023, 2024,2025, 2026, 2027 и 2028 година претходното раководство на АД ЕСМ не ги закупи, иако учествуваше на годинешните и кварталните аукции“, се појаснува во информацијата.
Од компанијата ги истакнуваат и условите за набавка на гас од ЕСМ Продажба и во минатите години.
„Имено, секогаш услов за продавачот, во јавните повици за прибирање понуди за набавка на природен гас, било тој да достави сертификат за квалитет на природниот гас, а не сертификат за потекло. Во овој контекст за споменување е фактот дека државата никогаш немала забрана на увоз на руски гас.
ЕСМ Продажба согласно со законската и подзаконската регулатива за грејната сезона 2024/2025 распиша јавен повик за набавка на гас на јавен и транспарентен начин, овозможувајќи им на сите добавувачи на природен гас кои ги исполнуваат условите од јавниот повик да достават понуди.
Понатаму, Бектеши зборува за увоз на струја, без притоа да објасни кои се причините и потребата од набавка. Целосна лага е дека цената на електричната енергија набавена за втората половина на септември и првата половина на октомври е повисока во однос на средствата издвоени во времето кога тој бил министер. Според фактите, токму во мандат на раководствата во кои учествувала ДУИ во АД ЕСМ се купувала струја по цена и преку 250 евра за мегават-час, а за набавка на овој енергент за потребите на АД ЕСМ, само за 2022 и 2023 година, се потрошени над 298 милиони еврa. Кумулативната набавка на електрична енергија само за минатата 2023 година изнесува 100,3 милиони евра за набавена
електрична енергија од 774.146 MWh“, напоменуваат во напишаното.
Од ЕСМ потсетуваат дека производната цена на електричната енергија на РЕК Битола само во периодот 2022 до 2024 била за повеќе од двојно зголемена од 61,9 евра MWh на 133,79 MWh. Тоа всушност, како што велат, е најдобар показател и доказ колку „домаќински“ се управувало со државните ресурси и колку биле успешни енергетските политики на Бектеши.