Во рамки на изборниот караван, кандидатот за претседател Стево Пендаровски денеска се сретна со граѓаните на село Белчишта, општина Дебрца и со граѓаните на општина Вевчани.
Говорејќи за начинот на владеење на опозицијата кога беше на власт, Пендаровски во село Белчишта истакна дека во нивно време имаше две групи на граѓани, односно нивни и наши, симпатизери на ВМРО и останати. И дека за разлика од сегашната владејачка структура која не направи крупни стратешки грешки со кои би била загрозена државата, ВМРО – ДПМНЕ и крупни и ситни грешки.
„На опозицијата и пречи што Македонија оди напред, кон развиените земји бидејќи ние сме заслужни за тие успеси, а не тие. Тие ја сакаат Македонија, само кога се на власт, а ние ја сакаме и кога сме и кога не сме на власт, бидејќи таа ни е единствената мајка“, рече Пендаровски.
Од Вевчани, кандидатот за претседател Стево Пендаровски порача дека луѓето знаат да проценат дали некој мисли само на себе и на својот џеб или мисли на нашата иднина. Зборувајќи за неговата против кандидатка, која не се појавила на митингот во Вевчани најавен за пред два дена, Пендаровски истакна дека не ни треба претседател кој има некој над себе.
„Не можам да замислам да кажуваш дека си претседател на сите, а да има некој над тебе, некој кој ќе ти кажува како да работиш. Таков е случајот со Силјановска и со Мицкоски. Овој што ја поддржува сака да биде и претседател и премиер. Ајде да го промениме уставот и да му овозможиме да биде и претседател на Собрание истовремено. Барем ќе заштедиме пари, а за ефектите понатаму ќе видиме“, додаде Пендаровски.
Денеска е предвидено Пендаровски да се обрати на митинзи и пред граѓаните на Струга и на Охрид.