Почитувани,
Ова се страниците од договорот за коридорите добиени од укажувачи, каде е наведено дека ќе бидат ангажирани специјалисти за надзор со месечни плати од по 36.500 евра. Сумата за платата е точно наведена, но не и бројот на специјалистите за надзор! Ќе се ангажираат надзорници за спецификации за автопати, студии за животната средина, за заштитените богатства од УНЕСКО во охридско, разгледување на спецификациите на патиштата, или најмалку пет специјалисти со плата од по 36.500 евра месечно. Најмалку петмина надзорници според бараното, за најмалку пет години работа, колку што е потпишан договорот тоа значи дека цели 11 милиони евра ќе бидат исплатени вон договорената сума.
Почитувани,
Кој ќе ги избира овие надзорници, дали Владата во целост или можеби ДУИ и СДС си го поделиле колачот од по 36.500 илјади евра месечната плата за еден надзорник.
Почитувани,
Месечната плата на еден ваков надзорник е еднаква на 40 плати на универзитетски професори во Македонија. Во Македонија 85% од вработените земаат плата помала од просечната. Македонија е држава во која што три месеци немаше ленти за дијабетичари, држава во којашто нема отпечатени свидетелства за ученици. И Македонија ќе дели 36,500 евра месечна плата за еден надзорник, пари повторно издвоени од Буџетот на Македонија. 11 милиони евра за плати за 5 надзорници специјалисти. Овие пари се вон договорената една милијарда и 300 милиони евра тешкиот договор.
Ова почитувани е основа за можен криминал, а голем дел од парите да завршат во приватни или партиски џебови и потоа да бидат употребени за изборен поткуп.
Во Македонија, почитувани, се случува епски криминал којшто будно се следи и за него ќе има одговорност по смена на власта.
Прес-конференција на Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ
Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ