Предложениот ребаланс на Буџетот е катастрофално лош, велат од СДСМ.
„Со ребаланстот нема пари за раст на платите во ниту еден сектор. Нема пари за покачување на минималната плата, за работниците, нема пари ниту за пожарникарите, војниците, полицајците, образованието. Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ ја суспендираат политиката на постојано покачување на платите која функционираше со години наназад. Наместо политики за подобрување на животниот стандард на работниците ВМРО-ДПМНЕ ги понижува работниците и ја враќа политиката во која Македонија е рај за евтина работна сила“, додаваат од партијата.
Според нив, со вака скроен ребаланс власта на ВМРО-ДПМНЕ го отвора патот кон должничко ропство на граѓаните, со јавен долг од 68%.
„Наместо фискална консолидација имаме фискална деструкција и зголемување на дефицитот за 35%. Со ребалансот ВМРО-ДПМНЕ не предвидува пари за исплата на финансиска помош по основ на инвестиции за домашните компании. Помалку пари се предвидени за капитални проекти а намалени се и парите за капитални инвестиции. Се менуваат ставовите, се намалуваат пари и во неизвесност се ставаат стратешките инфраструктурни проекти со финансиска поддршка од ЕУ. Намалени се средствата за ИПАРД програмите за земјоделците. Се укинува авансната исплата на субвенциите за земјоделците и се крати Интервентниот фонд. Власта не предвудува пари за покачување на социјалната заштита ниту пак за покачување на детската заштита. Одземени се финансиските средства кои беа планирани за реформата на системот за заштита и спасување. Намалени се парите за националните сојузи на инвалидските здруженија и за граѓанските организации кои се борат против семејното насилство. Ребалансот не е скроен според потребите на македонската економија туку на владејачката коалиција“, завршуваат од СДСМ.