Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски ја коментираше средбата со поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска.
Мицкоски рече дека се работи за редовни средби со луѓе од партијата од актуелните, но и од претходните раководства. Според него, Јанкулоска е жртва на политички терор и тортура, која што е правена врз неа и нејзиното семејство.
„Ќе ми биде чест и некој друг викенд да се сретнеме. Сите оние жртви на тортура и политички реваншизам од страна на владата на СДСМ и ДУИ се добредојдени, рече Мицкоски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, вчера на социјалните мрежи објави фотографија со Јанкулоска со опис: „Средба силна колку Горде. Неправдата никогаш не нè скршила!“.
Јанулоска издржува затворска казна во „Идризово“ за предметот „Тенк“, а во моментот го користи вториот дел од годишниот одмор.
Средбата се случува во момент кога лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, влезе во фејсбук-војна со експремиерот, Никола Груевски, кој своевремено важеше за близок со Јанкулоска.