На последната собраниска седница, повторно се потврди дека широката коалиција на Ковачевски и Мицкоски функционира секогаш кога треба да се донесат штетни и анти-демократски закони. Имено, со 78 гласа ЗА, пратениците од СДС и ДПМНЕ заеднички ја усвоија потребата од носење на измените на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, преку шверц со европско знаменце. Единствено пратениците од Левица гласаа против ваквиот коруптивен закон, се вели во соопштението од Левица.
– Со ваквите усвоени измени, се враќа владиното рекламирање во медиумите од владеењето на Груевски, кое беше критикувано од тогашната опозиција и од страна на Европската Комисија. Пратениците од Левица, пред една година, со филибастеринг од 1.300 амандмани, го блокираа првиот обид на власта за ваквите скандалозни измени, кои дефакто претставуваат легален поткуп на медиумите, сметаат од партијата.
Хибридниот режим на СДС и ДУИ, преку шверц со европско знаме и во коалиција со лажната опозиција од ДПМНЕ, заеднички го изгласаа поткупот на медиумите, само за да си ги заштитат своите теснопартиски интереси. Владиното финансирање на медиуми во минатото беше нотирано како извор на притисоци и контрола врз медиумите, при што од 2008 до 2015 година, власта на Груевски потроши 38 милиони евра само за две национални телевизии, кои беа мегафони на тогашните владини политики, додаваат од Левица.
Со ова гласање, се потврди дека Левица е единствениот бастион со кој не може да се преговара за непринципиелни работи, кои ги рушат демократските и националните темели на Републиката. Очигледно е дека кохабитацијата на овие три партии непрекинато функционира изминативе три децении и дека корупцијата, која го еродира македонското општество, извира од деструктивните политики на овие истрошени политички субјекти, тврдат од Левица.