Македонија постигна договор за стратешко партнерство со Велика Британија, кој, според вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, претставува историски исчекор за земјата и нејзино позиционирање на светската сцена.
На гостувањето во централниот Дневник на телевизија Сител, Николоски изјави дека договорот е резултат на повеќегодишен процес кој започнал уште додека биле во опозиција, потенцирајќи дека станува збор за „највисоко можно ниво“ на билатерални односи со една од највлијателните земји во светот.
„Сметам дека вчерашниот ден ќе остане запаметен како историски и ќе се бележи во историјата на Македонија. Постигнавме стратешко партнерство со втората светска сила“, истакна Николоски, додавајќи дека Велика Британија е „единствената кралска империја која преживеа, нуклеарна суперсила и земја со глобално културолошко влијание“.
Според него, овој договор ја става Македонија на радарот на британскиот премиер и значително ќе придонесе како на политички, така и на економски план.
„Да успееме да дојдеме на мапата на премиерот на Велика Британија и да се постигне ваков договор, зборува многу. Ова ќе значи многу за Македонија, особено во делот на политиката и економијата“, рече тој.
Николоски посочи дека за Македонија е особено важно да има големи сојузници, како што се Велика Британија и САД, ако сака да ги заштити своите национални интереси и човековите права на Македонците.
„Големите битки се добиваат со големи сојузници. Ние не можеме да се бориме ниту за човековите права, ниту за нашите интереси без поддршка. Овој договор покажува во каква позиција сме денес“, заклучи Николоски.