– Над 3.600 ученици од целата земја се вклучени во 258 групи за програмирање и роботика, најави министерот за образование и наука проф. Галин Цоков на првото издание на Светскиот фестивал за Лего роботика во Пловдив. Според него, најголем дел од децата се во Софија, Пловдив, Варна и Бургас, но клубови има во сите региони во земјата. Групите се во училиштата и центрите за поддршка на личен развој, а спроведувањето на активностите дополнително ги финансира Министерството за образование и наука (МОН) и тие се организираат според желбите и интересите на учениците, соопштија од прес-центарот на МОН.
Ова е веста на денот од Република Бугарија, избрана на Бугарската телеграфска агенција (БТА) за објавување од МИА, согласно Договорот за размена на информации и професионална соработка, кој предвидува секој ден националните информативни агенции на Северна Македонија и Бугарија да разменуваат директно избрана од другата агенција вест на денот на соодветната земја, а другата агенција да ја објави на својот интернет сајт без промени со изрично посочување и цитирање на партнерот како извор.
Во Бугарија има над 50 клубови по роботика кои се развиваат како независни академии во училиштата и универзитетите. Покрај големите градови, има и многу клубови во помалите градови како Разград, Кричим, Чирпан и други.
„Слични иницијативи како денешната покажуваат дека со правилен пристап образованието може да го разгори интересот и имагинацијата кај децата, а тоа ги умножува резултатите што ги постигнуваат“, нагласи проф. Цоков. Тој додаде дека оваа цел треба да се вклучи и во изградбата на СТЕМ центрите во земјава. „Над 2.200 училишта ќе имаат вакви центри благодарение на финансирањето од Планот за закрепнување и издржливост и треба да ги планираме на начин што ќе ја доведе наставата на ново, повисоко ниво“, рече Галин Цоков.
Во пилот изданието на Фестивалот за Лего роботика во Пловдив, учествуваат 24-те најдобри тимови од ученици од целата земја. Во текот на денот тие ги презентираат своите истражувачки технолошки проекти. Темата оваа година е „Суперсили“ и е посветена на обновливите извори на енергија. За време на фестивалот, клубот на бугарски колекционери на Лего претстави серија модуларни градби и уникатни лични колекции.