Денеска, на големиот државен празник Илинден одбележуваме 120 години од славната Крушевска Република и 79 години од државотворниот АСНОМ. Илинден ја симболизира самата суштина на нашиот национален идентитет – историја исткаена со храброст, единство и издржливост.
По повод денешниот празник, градоначалникот Тимчо Муцунски на својата фејсбук страна упати честитка до сите граѓани на Република Македонија нагласувајќи дека Илинден е доказ за непопустливиот дух на нашите предци, кои оставајќи зад себе траги на решителност храбро се бореле отворајќи го патот за слобода на Македонија.
„Илинден е повеќе од само историски настан, тој е олицетворение на нашите заеднички вредности и непоколебливата љубов кон нашата татковина. Нека овој ден биде потсетник на нашата колективна сила и генератор на хармонија за нашата нација и напредок на Република Македонија“, истакна Муцунски во својата објава.