– Во Брисел беше потпишан Договорот за партнерство меѓу Северна Македонија и Европската Унија во програмата „Дигитална Европа (2021-2027)“. Договорот го потпишаа министерот на Министерството за информатичко општество и администрација, Азир Алиу и претставници на Европската Комисија, информираат од МИОА.
За време на церемонијата на потпишување на договорот, министерот Алиу и се заблагодарил на ЕУ за поддршката што и ја дава на нашата земја.
-Денеска нашите партнери, кои застанаа покрај нас за време на дигиталната револуција и предизвикувачките реформи, ја ценат посветеноста на Министерството за информатичко општество и администрација, за ова значајно достигнување, дигиталната трансформација што донесе транспарентност на јавната администрација преку дигитализацијата на јавните услуги. Нашата Влада останува решена да ја продолжи дигиталната трансформација со барањата и параметрите на ЕУ, изјавил министерот Алиу.
Овој важен договор, нагласил тој, ја покажува посветеноста на Северна Македонија за унапредување на дигиталната инфраструктура и прифаќање на можностите на дигиталната ера.
Според него, Програмата „Дигитална Европа“ ќе обезбеди стратешко финансирање за одговор на овие предизвици, поддржувајќи проекти во пет клучни области на капацитет: во суперкомпјутер, вештачка интелигенција, сајбер безбедност, напредни дигитални вештини и обезбедување на широка употреба на дигитални технологии во економијата и општеството, вклучително и Дигитални иновативни центри“.
Како што информираат од МИОА, министерот Азир Алиу е во тридневна официјална посета на Брисел, каде остварил низа значајни средби.