Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, го посети саемот „Винска визија на Отворен Балкан“ во Белград, каде што има претставници од над 70 македонски изложувачи.
Премиерот Ковачевски им даде поддршка на претставниците на македонските винарии, дестилерии, гастрономски компании, од туристичката дејност. Премиерот го поздрави интересот за присуство на саемот и оцени дека постигнатите успеси во квалитетот на македонското вино познато во светот, македонската храна и туристичката понуда се амбасадорска промоција на Република Северна Македонија во регионот, Европа и светот.
Ковачевски најави уште позасилени активности на Владата кон отворањето нови пазари за компаниите и кон европскиот пазар.
Саемот за вино, храна и туризам во Белград е значајна можност за воспоставување деловни релации и размена на искуства меѓу компаниите и присутните од различни држави.
Посетителите на саемот, во следните дена, имаат можност да вкусат автентични македонски вина и храна, коишто, заедно со српската и албанската понуда, се на нивото на врвен светски квалитет, како и да се запознаат со туристичките потенцијали на државите.