Костадиновска-Стојчевска: Дури го говориме, јазикот ќе ни живее

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Министерката за култура Бисера Костадиновска – Стојчевска денеска упати честитка по повод 5 Мај – Денот на македонскиот јазик и изрази надеж дека практиката за подигнување на свеста за јазикот, не само во медиумите, туку на ниво на цела држава ќе продолжи.







– Новиот Предлог-законот за употреба на македонскиот јазик е одговор на новите случувања и новите процеси што се случуваат во општеството. Новините се во позитивна смисла и токму затоа очекувам дека во Собранието ова ќе помине многу лесно по сите процедури бидејќи се работи за прашање од национален интерес, изјави министерката за култура одговарајќи на новинарско прашање за Предлог-законот за употреба на македонскиот јазик, чиј предлагач е Министерството за култура.

Информира дека најголемата новина е воведување Инспекторат за употреба на македонскиот стандарден јазик, кој ќе биде во состав на Министерството за култура со својство на правно лице. Инспекторатот ќе укажува онаму каде ќе се најдат неправилности во јавната употреба на македонскиот јазик, во институциите кои немаат ангажирано лектор… Инспекторатот, како што нагласи, прво ќе има цел да предупреди, а потоа со механизам за преземање соодветни мерки.

-Втората новина е во секоја институција задолжително да има вработено лектор. Со тоа одиме во насока да поттикнеме да има студенти кои ќе студираат македонски јазик, а продолжува праксата за стипендии за студенти за македонски јазик, рече Костадиновска – Стојчевска пред панел-дискусијата во насока на афирмацијата на македонскиот јазик и неговото кирилско писмо. Изрази надеж дека ќе има и повеќе кандидати кои ќе полагаат испит за лектор.

Според неа, на тој начин се поврзуваат повеќе институции за да се поттикнат младите и студентите за да се заложат во процесот на зачувување и унапредување на македонскиот јазик.

Министерката за култура посочи и на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за државни награди, со кој се воведуваат уште две државни награди – државната награда „Блаже Конески“ за остварувања во областа на македонскиот јазик и македонистиката и државната награда „Ремзи Месими“ за остварувања од областа на албанскиот јазик и албанистиката.

– Двете награди ќе се доделат во декември, на датумите на раѓање на двата носители на државните награди, појасни министерката за култура.

На новинарско прашање колку се штити македонскиот јазик и што прави државата за тоа, Костадиновска – Стојчевска изјави дека лани ние како држава во унилатералната изјава на Меѓувладината конференција кажавме, како што рече, дека македонскиот јазик е заштитен.

-Македонскиот јазик е јазик на оваа држава, на овие граѓани, на Северна Македонија. И секоја друга држава која милува да даде какви било изјави може слободно да дава. Ние се дури си го говориме јазикот, се дури водиме сметка за нашата култура, за македонската култура, за македонскиот јазик, ние сме заштитени. Јазикот е жива материја. Јазикот не може да се дефинира со тоа што некој ќе изгласа нешто во нечие Собрание или на некоја друга средба. Дури го говориме, јазикот ќе ни живее. Дури ја негуваме нашата, македонската култура, нашата култура ќе продолжи да живее, потенцира Костадиновска – Стојчевска.

Универзитетската професорка Искра Пановска – Димкова, раководител на катедрата за македонски јазик на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје изјави дека имаат забелешки за јазикот во медиумите и поради тоа попладнево ќе има трибина. Забелешките се однесуваат на писмено, но и на правоговорно рамниште. Исто така посочи дека ако текстот е лекториран, новинарите не знаат доволно добро да го прочитаат.

-Изговорот знае да биде од лош до многу лош. Се движи или скопски сленг, на телевизиите што се сместени во Скопје, што е толку лош изговор што едноставно не може да се слуша, до дијалекти по телевизиите што се од внатрешноста. И дијалектот и сленгот си имаат свое место, но тоа не е смее да биде на јавен медиум, изјави Пановска – Димкова.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK