Гир: Со визија, обединетост и истрајност Македонија ќе го заземе своето место на земја членка на ЕУ

vlada
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Денот на Европа е поглед кон иднината, обновување на обврската за тоа каква ЕУ сакаме, Европа на вредности и иновации, Европа која ги вклучува младите луѓе која е конкурентна и отпорна. Северна Македонија е на добар пат да биде дел од оваа визија со членство во ЕУ, откако ги отвори пристапните преговори минатиот јули. Патот е отворен, а задачите се јасни, истакна евроамбасадорот Дејвид Гир на одбележувањето на 9 Мај – Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа.







-Убеден сум дека со визија, обединетост и истрајност, Северна Македонија ќе може да си го заземе своето место на земја членка на ЕУ. Ние сакаме да сте дел од нас, нашите визија е иднина заедно, нагласи евроамбасадорот.

Гир посочи дека улогата на ЕУ е уште поважна додека се одвива војната на Русија против Украина. ЕУ и нејзините истомисленици, како што рече, одговорија на агресијата со неверојатна решеност и единство.

-Северна Македонија покажа неверојатно водство и неверојатно лидерство со поддршката што ја даваше за Украина и сакаме да ја поздравиме за тоа додека истовремено ја поздравуваме и храброста на украинскиот народ и оддаваме почит на мажите и жените кои се жртвуваа во Втората светска војна за да го победат фашизмот, рече Гир.

Заменик-амбасадорот на Амбасадата на САД Ерик Мајер се осврна на руската агресија врз Украина, нагласувајќи дека такво безумно непочитување на човечките животи не може да биде оправдано со ништо.

-Да се каже дека дел од она што Русија денес го прави во Украина е некако поврзано со поразување на фашизмот е лага. Тоа е огромно искривување на историјата и е срам, но непочитување на луѓето на кои денес им оддаваме почит. За жал, руското лидерство одлучи да оди по овој погрешен, незаконски деструктивен пат, а Европа ќе продолжи да биде сигурна во својата одбрана на територијалниот интегритет на Украина и нејзиното право да одлучува за својата иднина во заедница на мирољубиви нации. Одлучноста на оние кои се бореа и на крај го поразија фашизмот пред 78 години беше катализаторот што создаде стабилна, европска заедница, цврста НАТО алијанса и безбедност за стотици милиони луѓе вклучително и двата милиони тука во Северна Македонија, посочи Мајер.

Затоа, додаде, денес им оддаваме почит и мора да продолжиме да ја почитуваме нивната оставштина со тоа што ќе одбиваме да потклекнеме кога ќе се соочиме со закани по демократските начела и самоопределување.

Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ на свеченото одбележување испрати порака за обединување околу вистинските европски вредности како единствен предуслов за иднината.

-Гордо се сеќаваме и даваме почит на борците кои ги бранеа своите држави и светот од најголемото зло на минатиот век, фашизмот,. Нивното дело не обврза да останеме на страна на европските и вистинските вредности, негувајќи ги слободата, толеранцијата, демократијата и дијалогот како светост. Тоа не држи во блиски односи со нашите европски партнери, стратешки сојузници со кои заедно потврдуваме дека европскиот пат на Северна Македонија е најдобриот начин за зачувување на оние вредности кои не ставале на страната на правдата и победата, истакна Маричиќ.

Не случајно, посочи тој, Денот на Европа го чествуваме заедно со Денот на победата како успешен проект на долгорочен мир меѓу земјите во Европа.

Денес после повеќе од седум децении ни е потребно солидарност и храброст да си подадеме рака за теми и прашања кои им значат на граѓаните како што се мирот, стабилноста, демократијата, социјалниот и економскиот развој. Имаме добра основа и право да продолжиме понатаму со надминување на предизвиците во овој процес да дадеме шанса, фокусот и визијата да бидеме членка до 2030 да биде реалност. Наша должност е да ја реализираме идејата на нашите предци и да ја пренесеме на нашите потомци, да создаваме, да напредуваме, да прифаќаме европски стандарди и да ги живееме европските вредности. Европа припаѓа на нашиот регион и нашиот регион припаѓа во Европа, порача Маричиќ.

Првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби нагласи дека пред нас имаме прилика да покажеме храброст и лидерство сите да се обединиме за нашето членство во ЕУ.

-Нашата Влада има лидери кои се подготвени да зборуваат за помирување и сето тоа во корист на иднината на нашата земја. Сите да се обединиме, да се помириме и да работиме за иднината на нашата земја, рече Груби.

Потпретседателот на Сојузот на борците од НОАВМ (1941-1945) Наум Буревски испрати порака да го сочуваме мирот и да развиваме заедништво, како и еднакво да се бориме против подмолните апетити на денешната светска глобална политика.

-Вековниот сон на борците се исполни, направија сопствена држава, а ние помладите генерации без разлика на партиска, национална, верска припадност да го сочуваме мирот и да развиваме заедништво, еднакво да се бориме против подмолните апетити на денешната светска глобална политика. Затоа што ова е единствена наша матична држава. Опција на Сојузот на борци е што поскоро влегување во ЕУ туку Европа без граници, нагласи Буревски.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK